СДСМ СУДИ СПОРЕД СЕБЕ Жестока реакција од ЗНАМ по тешките обвинувања од опозицијата
ЗНАМ жестоко реагира на обвинувањата од СДСМ, порачувајќи дека станува збор за манипулации без докази и обид за дефокусирање на јавноста.
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија остро реагира на обвинувањата што СДСМ ги упати кон претседателот на движењето Максим Димитриевски, оценувајќи ги како класична политичка манипулација, без аргументи и докази.
Од ЗНАМ посочуваат дека нападите на СДСМ се неосновани, тенденциозни и насочени кон дефокусирање на јавноста од, како што велат, сопствениот политички и економски дебакл.
„СДСМ, тргнувајќи од сопственото искуство, мисли дека секој што е на власт краде и се бори за привилегии. Наместо факти и аргументи, повторно настапуваат со навреди, конструкции и популистички флоскули“, се наведува во реакцијата.
Од движењето потенцираат дека Максим Димитриевски никогаш не ја криел својата лична и професионална кариера надвор од политиката, за разлика од, како што велат, кадрите на СДСМ кои со години егзистирале исклучиво од државни функции.
„Димитриевски е човек кој се докажал и во бизнисот и во политиката, со јасен став и интегритет“, нагласуваат од ЗНАМ.
Во реакцијата се посочува и дека, за разлика од лидерот на СДСМ Венко Филипче, Димитриевски нема ниту еден корупциски скандал зад себе, ниту бил поврзан со афери за вакцини, изградба на болници или криминални јавни набавки.
„За разлика од двоецот Заев–Филипче, кој ги трошеше народните пари по луксузни јахти и забави низ светот, Димитриевски нема ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се вели во соопштението.
ЗНАМ ги отфрла и наводите за „луксуз“, „тендерска коалиција“ и наводно расипничко трошење, оценувајќи ги како чиста клевета, додавајќи дека токму СДСМ ја задолжила државата со милијарди евра и зад себе оставила бројни корупциски афери без одговорност.
Од движењето уверуваат дека сите јавни набавки и финансиски постапки се законски, транспарентни и под надзор на надлежните институции.
„ЗНАМ останува доследен на принципите на отчетност, одговорно управување и крај на партиските монополи. За нас, политиката не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, порачуваат од движењето.
На крајот, од ЗНАМ посочуваат дека граѓаните многу добро знаат кој ја донесе државата во економска и институционална криза, а кој, како што велат, нуди нов и поинаков политички пристап.