НОВИ ПРОСТОРИИ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ТРАНСФУЗИОНА МЕДИЦИНА ВО ТЕТОВО Подобри услови за дарување и за обработка на крв
Институтот, кој опфаќа и три помали центри во Гостивар, Кичево и Струга, ја обработува крвта собрана од другите центри, нуди амбулантски здравствени услуги за пациентите, организира акции за дарување крв и ги снабдува клиниките и болниците во овој регион со крв и со крвни продукти, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска ги посетија новите простории на Институтот за трансфузиона медицина во Тетово.
– Со денешната промоција целосно го заокружуваме процесот на реконструкција на новите просторни капацитети за Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. За таа цел, од Институтот се инвестирани околу 8,3 милиони денари. Регионалниот центар за трансфузија во Тетово, како составен дел на Институтот, опфаќа и три помали центри: во Гостивар, Кичево и Струга. Овој регионален центар ја обработува крвта собрана од другите центри, нуди амбулантски здравствени услуги за пациентите, организира акции за дарување крв и ги снабдува клиниките и болниците во овој регион со крв и со крвни продукти – истакна министерот Алиу.
Тој нагласи дека Министерството во континуитет работи и на зајакнување на кадарот, посебно таму каде што се затекнати лица кои подолго време биле ангажирани со договор на дело.
– Во Институтот за трансфузиона медицина, кој има свои подрачни служби низ државата, кон крајот на минатата година заврши огласот за вработување. Веќе се вработени вкупно 48 лица, а дел од нив се и тука, во Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. Продолжуваат нашите заложби за зајакнување на инфраструктурните и човечките капацитети во јавните здравствени установи, со цел подостапни и поквалитетни здравствени услуги за сите граѓани во државата – додаде Алиу.