МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА И 100 ЕВРА ПОВИСОКИ ПЛАТИ ЌЕ ЗНАЧАТ ПОТОП ЗА ИЛЈАДНИЦИ ПРЕТПРИЈАТИЈА И МАСОВНА НЕВРАБОТЕНОСТ Славески вели дека тоа ќе ја крене инфлацијата и ќе ги поскапи кредитите
Гувернерот изнесе и пресметка колку би чинело зголемувањето на платите што го бара ССМ.
Минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за 6.000 денари ќе повлечат 1,25 милијарди евра за масата за плати во јавниот и во приватниот сектор, изјави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески во синоќешното интервју во „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
Тој вели дека не е случајно што сите не го поддржуваат тоа барање.
– Занаетчиската комора, малите и средни претпријатија. 1,250 милијарди евра. Знаете што би значело тоа? Тоа би значело потоп за илјадници претпријатија во Македонија и масовна невработеност – рече тој.
Од позиција на Народна банка, Славески вели дека тоа би значело повисока инфлација, драстично, поголема цена на кредитите, и станбени и потрошувачки.
– Некој мора да ја плати цената. Нема бесплатен ручек – предупреди Славески.