📽️ НЕОФИЦИЈАЛНО ЗАПЛЕНЕТИ СЕ РЕКОРДНИ 27 ТОНИ МАРИХУАНА Детали од големата акција во Скопје и во Струмичко

Најголема заплена на марихуана во историјата на Македонија, полицијата одзеде околу 27 тони дрога во акција во Скопје и во Струмичко.

3,488

Голема полициска акција за заплена на марихуана денеска се спроведува во Скопје и во струмичкиот регион, при што, според неофицијални информации, се одземени околу 27 тони дрога, што се смета за најголема заплена во историјата на државата.

Според првичните податоци, околу 10 тони марихуана биле складирани во кругот на фирма во Скопје, додека паралелно се одвиваат претреси и заплени на дополнителни количини надвор од главниот град, во струмичкиот регион.






Акцијата ја спроведува Министерството за внатрешни работи по насоки на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а станува збор за повеќемесечна истрага насочена кон организирана криминална мрежа поврзана со нелегално производство и трговија со марихуана.

Во фокусот на истражните органи е компанијата „Алфафарм ДОО Скопје“, основана во 2023 година и регистрирана за одгледување и преработка на лековити и ароматични растенија за фармацевтска употреба. Според податоците од Централниот регистар, фирмата располага со основна главнина од околу 529 илјади евра, а сопственичката структура била менувана непосредно пред откривањето на пратката со дрога во Србија.

Засилено полициско присуство денеска е забележано во кругот на поранешниот индустриски комплекс ОХИС во Скопје, каде што се наоѓа седиштето на компанијата, а на терен се и истражители од обвинителството, како и медицински екипи.

Истрагата доаѓа само неколку дена по акцијата во Србија, каде што беа откриени пет тони марихуана во магацин во близина на Крушевац, за кои српските власти тврдат дека потекнуваат од Македонија. Според официјалните информации од Белград, за шверцот се осомничени пет лица, од кои две сè уште не се достапни за органите на прогонот.

Мицкоски: Граѓаните ќе слушнат катастрофални податоци

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека случајот е исклучително сериозен и најави дека во наредните денови МВР ќе објави информации за десетици тони дрога кои незаконски биле пуштани во промет или складирани.

– Граѓаните ќе бидат сведоци на една многу тешка и мачна ситуација. Оваа акција трае со години и не сме можеле секогаш јавно да изнесуваме бројки. Но, она што ќе го слушнат и видат ќе биде навистина катастрофално – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека креаторите на ваквите политики од минатото мора да сносат одговорност, посочувајќи дека многу млади луѓе станале жртви на овој начин на функционирање.

Од МВР и Обвинителството најавуваат дека повеќе детали ќе бидат соопштени по завршување на истражната постапка.

ДЕСЕТИЦИ ТОНИ ЗАПЛЕНЕТА ДРОГА ЧЕКААТ ДА БИДАТ ОБЈАВЕНИ Мицкоски открива факти за случајот со марихуаната

ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ЗА МАРИХУАНА ВО ОХИС Полицијата со камиони и специјалци ја блокираше фабриката

Поврзани содржини