МЕЛАНИЈА ОТВОРА КАНАЛ СО КРЕМЉ „Се надевам дека брзо ќе ги вратиме украинските деца“
Првата дама на САД, Меланија Трамп, изјави дека е во контакт со тимот на рускиот претседател Владимир Путин во обид да обезбеди враќање на повеќе украински деца од Русија.
Првата дама на САД, Меланија Трамп, потврди дека е во директен контакт со тимот на рускиот претседател Владимир Путин, со цел враќање на украински деца од Русија. Настапот беше краток, без детали, но со јасна порака дека процесот е активен и дека се очекуваат резултати.
– Работам на тоа и сме во процес. Се надевам дека многу брзо ќе имаме успех – изјави Меланија пред новинарите во Белата куќа.
Од Источното крило на Белата куќа информираа дека првата дама уште минатата година му испратила писмо на Путин. Писмото, според портпаролот, лично му го предал нејзиниот сопруг, американскиот претседател Доналд Трамп, во август. Темата била судбината на украинските деца одведени од териториите зафатени со војна.
Од почетокот на кампањата на првата дама, 15 деца се вратиле во Украина, меѓу нив и седум во декември. Белата куќа не соопшти дали нови враќања се веќе договорени, ниту каков е одговорот од руската страна.
Украина ја обвинува Русија за киднапирање на најмалку 19.000 деца и нивно одведување на руска територија или во окупираните области, без согласност од семејствата или старателите, по инвазијата во февруари 2022 година. Москва ги отфрла обвинувањата и тврди дека децата биле евакуирани за да бидат заштитени од борбите.
Паралелно со оваа тивка хуманитарна дипломатија, Русија и Украина соопштија дека одржале „продуктивни“ разговори во Абу Даби, во рамки на преговори предводени од САД за завршување на речиси четиригодишната војна. Изјавите дојдоа и покрај фактот дека руските сили претходно неделава извршија масовни напади со стотици беспилотни летала и рекорден број балистички ракети.
Меланија Трамп, која свесно останува во сенка за време на вториот мандат на сопругот, имаше уште една јавна активност. Во Белата куќа се сретна со израелско-американските заложници Кит и Авива Сигел, ослободени од палестинската вооружена група Хамас, средба што дополнително ја нагласи нејзината фокусираност на хуманитарни теми поврзани со глобалните конфликти.