ГЕРМАНСКАТА КОМОРА ГО ВКЛУЧУВА ТУРИЗМОТ ВО СВОИТЕ АКТИВНОСТИ Претставници на 9 германски компании на лице место ќе се информираат за туристичките можностите

Целта на посетата е идентификување на одржливи бизнис модели, воспоставување партнерства и понатамошно позиционирање на регионот како значајна и кон иднината ориентирана туристичка дестинација.

41

Претставници на 9 германски компании од 20 до 24 април ќе престојуваат во земјава каде што на лице место ќе се информираат за можностите за соработка и ќе остварат конкретни средби со локални претставници од туристичкиот сектор, добавувачката индустрија и релевантните институции во Македонија.

Ова го најави денеска  Антје Ванделт, директорка на Германско-македонската комора (АХК ) која е  дел од мрежата на германските стопански комори во странство во своето редовно обраќање.






Целта на посетата, како што најави Ванделт, е идентификување на одржливи бизнис модели, воспоставување партнерства и понатамошно позиционирање на регионот како значајна и кон иднината ориентирана туристичка дестинација.

Ванделт додава дека оваа активност е дел од планот на комората да ја стави одржливоста како водечка тема во реализацијата на своите активности и да ја интегрира во своите клучни проекти и партнерства. Туризмот, вели таа има значителен потенцијал за поврзување на одржливото создавање вредности, регионален развој и меѓународната соработка.

– Со ваквото сеопфатно разбирање на одржливоста, даваме активен придонес кон економската трансформација на регионот и кон продлабочување на германско-македонските деловни односи. Да не зборуваме само за одржливоста, туку заеднички и конкретно да ја спроведуваме во пракса во нашите компании, да ја направиме да биде дел од нашиот секојдневен живот и од нашите домови -вели Ванделт.

Комората веќе работи на проекти за циркуларна економија, со кои, вели Ванделт, се дава силен импулс за поттикнување на ефективно користење на ресурсите, како и за развој на модели на стопанисување кои се ориентирани кон иднината.

– Целта е на компаниите да им се понудат конкретни решенија кои обединуваат еколошка одговорност и економска ефикасност, а истовремено да се овозможи усогласување и имплементација на бараните регулативи – вели таа.

Таа додава дека продолжувањето на програмата YEE (Young Energy/Environmental Experts) го потврдува стремежот одржливата трансформација да се поддржи не само структурно, туку и преку човечкиот капитал со активно вклучување на младите стручни кадри во процесите кои носат конкретни промени во работењето на компаниите.

Поврзани содржини