НАД 40 НОВИ КАМИОНИ ЗА ЧИСТ ГРАД Ѓорѓиевски најави крај на хаосот со отпадот
Најголема инвестиција во јавната чистота во последните 10 години, Градот и Светска банка обезбедуваат над 40 нови специјализирани возила.
Град Скопје започнува со најголема инвестиција во јавната чистота во последната деценија, откако е распишана постапка за набавка на повеќе од 40 нови специјализирани возила за ЈП Комунална хигиена.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека тендерската постапка ја спроведува Министерството за транспорт во соработка со Светска банка, а по завршување на сите правни процедури ќе започне и испораката на возилата.
– Ова е убава вест за Скопје. Како што ветив кога ја барав довербата од граѓаните, најдоброто за нашиот град допрва доаѓа. Официјално започна постапката за набавка на специјализирани возила кои ќе донесат ред и достоинство во јавната чистота – изјави Ѓорѓиевски.
Паралелно со оваа постапка, на денешната седница на Советот на Град Скопје ќе се усвои и програмата за Комунална хигиена, со која градот од сопствени средства ќе обезбеди уште повеќе од десет нови камиони.
Според градоначалникот, тоа значи дека во функција ќе бидат ставени над 40 современи возила кои секојдневно ќе се грижат за чистотата низ сите скопски населби.
– Ова е најголемата инвестиција во јавната чистота во последните десет години. Само за споредба – за помалку од три месеци од мојот мандат набавуваме повеќе од 40 возила, додека во претходните осум години биле набавени само четири – истакна Ѓорѓиевски.
Тој најави дека процесот на обновување на возниот парк на Комунална хигиена нема да застане тука и дека набавката на нови возила ќе продолжи континуирано.
– Проблемот со отпадот, кој со години ги мачеше скопјани, оди во историјата. Градот ќе располага со доволен број современи возила за навремено и организирано покривање на секоја улица, затоа што чист град значи здрав град, а здрав град, подобар живот за сите – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски упати благодарност и до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски за, како што рече, силната поддршка и грижата за граѓаните.