УСТАВНИ ИЗМЕНИ ПОД НАЈМАЛКУ 2 УСЛОВА Мицкоски бара гаранции и права за Македонците во Бугарија
Уставни измени нема да има додека сум јас претседател на Владата, ако не бидат исполнети минимум два услова, рече Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања.
Додека Христијан Мицкоски е претседател на Владата нема да се случат уставни измени ако Македонците во Бугарија не ги добијат загарантираните права согласно со меѓународното право и со меѓународните конвенции и додека не се добијат гаранции дека во иднина државата нема да се соочува со опструкции и блокади од субјективни причини. Вака одговори премиерот Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, на прашање од пратеникот Скендер Реџепи околу уставните измени.
– Не знам по колку пати треба да кажам и не знам по колку пати треба да повторам каков е ставот на Владата. Но еве, ако инсистирате и ако го поставувате тоа прашање, ќе се обидам на поинаков начин да ви одговорам овој пат споредено со сите оние одговори коишто се случувале во минатото. Уставни измени нема да има додека сум јас претседател на Владата, ако не бидат исполнети минимум два услова. Првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права согласно со меѓународното право и со меѓународните конвенции и резолуции за човекови права. Не барам Устав да се менува. И второ, додека не добиеме гаранции за нашиот македонски идентитет, за којшто од вас очекувам поддршка, како од мој сограѓанин. За мојот македонски јазик повеќе да нема да има билатерални вета. И за оваа држава, којашто многу пати покажала и докажала дека сака да биде дел од европското семејство, поднела жртва како ниту една држава, и за овој народ, за овие граѓани како ниту едни граѓани од Европа поднеле жртва, да нема повторно нови омаловажувања, нови понижувања и нови опструкции од било кого, од субјективни причини. Ако ние не сме добри, да речеме во кластерот на владеење на правото, па нешто не сме испорачале, тоа е друга причина. Aко не сме вратиле некој бегалец од правдата или па некој политички заштитен лик којшто порано правел криминал не сме го ставиле во затвор, па за тоа да добиеме критика и блокада, во ред, за тоа нема никаков проблем. Или, пак, ако не сме квалитетни во нешто друго. Но, да нема повеќе билатерални прашања коишто ќе го ограничуваат нашиот напредок кон Европа – потенцираше Мицкоски.
Тој уште еднаш повтори дека додека е премиер нема да се случат уставните измени без да се исполнат двата услова и ги повика и пратениците кои во иднина би дошле да не се согласуваат со ставот на пратеникот кој го постави прашањето за уставни измени без гаранции.
– Додека сум јас премиер. Кога нема јас да бидам премиер, можеби вие сѐ уште ќе бидете пратеник, ќе има некој друг, ќе го прашате и ќе ви даде одговор. За уставни измени има 80, односно 79 ваши колеги да се сложат. Јас силно ги советувам останатите 119 во оваа сала да не го поддржат вашиот став за уставни измени без да можеме да ги добиеме минимум овие две гаранции – истакна Мицкоски.
Тој исто така истакна дека на Македонците во Бугарија им се одземени сите права, а сега бараат само здружение кое би се борело за правата на македонската заедница во Бугарија.
– Ќе повторам, мислам дека треба да го поддржите тој став, треба да го поддржите ставот за Македонците од Разлог, од Горна Џумаја, од Сандански, од Пирин. Треба да го поддржите, затоа што во пописот во 1956 година тие биле 200.000 и биле мнозинство во Пиринскиот крај на Македонија. Биле две третини од вкупното население, а магично на пописот во 1965 година бројката станува 9.000. Од 200.000 на 9.000 и тоа еден поранешен бугарски претседател го кажува како инженеринг на којшто е посебно горд. Им се одземаат правата на културна автономија, да општат на својот мајчин македонски јазик, да говорат на својот мајчин македонски јазик, да танцуваат на своите македонски песни, да ги почитуваат своите македонски обичаи. Е тие бараат сега само да имаат можност ОМО Илинден Пирин да биде организација која што ќе ги застапува правата на македонската заедница во Бугарија. Многу ли е тоа? – праша Мицкоски.