Одговорно преговарање за плати

Дали има логика во барањето на ССМ, поддржано од некои политички субјекти заради популистички побуди? Одговорот е повеќе од очигледен - несериозни барања од несериозни субјекти!

409

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) организира протест за зголемување на минималната (со закон утврдена) плата за цели 50% и на сите други плати за по 6.000 денари. Не им одговара системското решение од Законот за минимална плата, според кое износот на оваа категорија во март ќе се зголеми во согласнот со законски утврдена формула и праг од 57% во однос на просечната плата.

Да се потсетиме, препорака на Меѓународната организација на трудот е минималната плата да се утврди на 40% од просечната плата, а ЕУ пред неколку години им сугерираше на земјите-членки праг од 50% минимална во однос на просечната плата.






Според овој сооднос, Македонија е светски рекордер во односот минимална/просечна плата.

Интересно е објаснувањето на челниците од ССМ како се дошло до барањето за минималната плата, чие зголемување се очекува да ги „повлече“ и останатите плати (што судејќи според практиката од минатото на административни зголемувања на минималната плата, не мора да се случи).

Имено, тие направиле анкета на „репрезентативен примерок“ приматели на плата и испитаниците се изјасниле за зголемување од 50% од сегашниот износ. Станува збор за несериозен пристап и за уште понесериозно барање.

Како преговараат сериозните синдикати за зголемување на платите со организациите на работодавачи? Се разбира, не преку анкети за откривање на желбите меѓу своето членство, туку врз основа на разумни и стандардни критериуми за утврдување на динамиката за раст на платите.

Кои се тие критериуми?

Прво, работниците сакаат да се зачува куповната моќ на нивните доходи, т.е. зголемувањето на номиналните плати да биде најмалку во рамките на стапката на инфлација според податоците од овластени институции.

Второ, доколку расте економијата и трудот има легитимно право на учество во распределбата на зголемениот колач, односно надомест за стапката на зголемена продуктивност на трудот.

Кај корекцијата на платите со стапката на инфлација има „поглед наназад“ и „поглед кон напред“. Доколку во изминатиот период на важност на колективниот договор, вообичаено две години, растот на платите бил понизок од стапката на инфлација, стапката на пораст на платите треба да обезбеди компензација на разликата, односно на намалената куповна моќ на платите. На ова се додава стапката на очекувана инфлација според прогнозите од релевантни домашни и меѓународни институции. На крај, ваквиот збир евентуално се зголемува за очекуваниот раст на продуктивноста на трудот.

И покрај манипулациите со бројките од страна на ССМ, факт е дека просечната плата во земјава минатава година порасна номинално за 9,2%, а реално за 5,1%. Очекувањата за стапката на инфлација за оваа година се таа да не надмине 3%.

Се поставува прашањето: дали има логика во барањето на ССМ, поддржано од некои политички субјекти заради популистички побуди? Одговорот е повеќе од очигледен – несериозни барања од несериозни субјекти!

(Статус на гувернерот на Народната банка, на социјалната мрежа Икс)

Поврзани содржини