ССМ РЕКЛА „НЕ“ НА ЗГОЛЕМУВАЊЕ ОД 40% НА ПЛАТИТЕ Манасиевски обвинува за политичка игра врз грбот на работниците

Владата нудела 40 отсто повисоки плати во следните две години, но синдикатите го одбиле предлогот, тврди Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

336

Владата понудила зголемување на платите на административните службеници за 40 отсто во следните две години, но предлогот бил одбиен од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и неговиот претседател Слободан Трендафилов, тврди членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.

Според Манасиевски, одбивањето на предлогот директно оди на штета на работниците, кои остануваат без најавеното зголемување на платите, иако, како што вели, Владата била подготвена тоа да го реализира преку нов колективен договор.






– Трендафилов, кој има плата три до четири пати повисока од минималната, платена од членарините на работниците, им го сврте грбот и одби 40 проценти повисоки плати за администрацијата – изјави Манасиевски.

Тој обвини дека претседателот на ССМ бил гласен критичар кога СДСМ е во опозиција, но молчел додека истата партија била на власт. Според него, причината за одбивањето на предлогот е тоа што Трендафилов не сакал да потпише нов колективен договор, иако стариот веќе е истечен.

Манасиевски потсети дека договорот бил склучен за време на претходната власт, заедно со тогашната министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, а со неговото истекување, како што рече, се отворила можност за нов договор со значително подобри услови за работниците.

– ССМ, Слободан Трендафилов и УПОЗ, предводен од Трпе Деаноски, свесно го блокираат зголемувањето на платите – рече Манасиевски.

Тој додаде дека ССМ досега не ги поздравил ниту зголемените плати во образованието, здравството, МВР, Министерството за одбрана и центрите за социјална работа, што, според него, покажува дека синдикатот не работи во интерес на работниците.

Во обраќањето, Манасиевски тврди и дека денешниот протест има јасна политичка позадина, посочувајќи на, како што рече, отворена поддршка на ССМ од страна на Левица и на СДСМ.

Поврзани содржини