СКАНДАЛОЗНО Е ДА СЕ НАПАЃА МЕДИУМ Андоновски со остра порака до политичарите

Владата ги вклучи онлајн порталите во Законот за медиуми, се подготвува и прва стратегија за развој на медиумите.

917

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, порача дека медиумите мора да останат сплотени и професионални, предупредувајќи дека политички притисоци врз новинарите се недозволиви и штетни за целото општество.

Во гостувањето во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, Андоновски истакна дека Владата направила важен исчекор со тоа што онлајн медиумите и интернет порталите конечно се препознаени во Законот за медиуми.






Според него, измените се направени по барање на здруженијата на портали, а резултатите веќе се видливи.

– Со една брза интервенција во Законот за медиуми, онлајн порталите се препознаени како медиуми и голем дел од најрелевантните веќе се регистрирани во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – посочи Андоновски.

Тој нагласи дека ова значи поголема заштита за новинарите и порталите, имајќи предвид нивниот легитимитет и влијание во јавноста.

Министерот најави и дека за првпат ќе се изработи Стратегија за развој на медиумите во Македонија, документ кој, како што рече, треба да постави јасни насоки за иднината на медиумската сцена.

Во контекст на актуелните политички случувања, Андоновски предупреди дека кампањи против медиуми од страна на политички партии можат сериозно да ја нарушат сликата за слободата на медиумите во земјава.

– Недозволиво е политичка партија да води кампања против медиум. Тоа директно влијае врз оценките во извештаите на Европската унија и на „Репортери без граници“, и тоа не поради Владата, туку поради притисоците од политичарите – нагласи министерот.

На крајот, тој упати јасен апел до медиумската заедница да продолжи да дејствува единствено и професионално.

– Медиумите мора да останат сплотени. Охрабрува тоа што сите синдикати и здруженија застанаа заедно – така треба да се реагира секогаш кога некој ќе се заканува или ќе напаѓа медиум само затоа што не му се допаѓаат неговите ставови – порача Андоновски.

Поврзани содржини