ИСЦРПЕН ЛИ Е ЕВРОПСКИОТ МОДЕЛ? Американците станаа рамнодушни и скептични за политиката на проширување на ЕУ
Американската порака за Србија ја отвори најдлабоката пукнатина во европскиот модел. Аналитичарите стравуваат дека таа порака не се однесува само на Белград, туку и на сите земји претенденти за членство во ЕУ.
Пораката што неодамна ја испрати Ричард Гренел Ричард, американски дипломат и политички оперативец, близок соработник на Доналд Трамп и една од најконтроверзните фигури во неговиот надворешнополитички тим, дека Србија „не мора задолжително“ да го следи европскиот пат, не е дипломатска фуснота, туку отворена политичка провокација.
Таа дојде директно како реакција на јавната објава на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која по средбата со Александар Вучиќ во Давос порача дека Србија мора да остане „цврсто на европскиот пат“, преку реформи и вклучување во европскиот План за раст.
Гренел ја дијагностицираше кризата во Европа
Гренел не одговори со дипломатски речник, туку со дијагноза: „Европа е во неволја“, економиите се „задушени од Брисел“, а „иновативноста е речиси мртва“.
Тој не зборуваше како случаен коментатор. Иако неговите зборови не се официјална позиција на американската администрација, Гренел е еден од највлијателните луѓе во орбитата на Доналд Трамп и фигура чиј став никогаш не е случаен. Пораката беше јасна: Србија треба да гледа кон „американскиот модел“, а не кон „европскиот“.
Во Белград оваа изјава беше дочекана како охрабрување. Во Брисел – како аларм. Зашто тоа не е само порака за Србија, туку симптом на подлабок судир меѓу САД и ЕУ околу тоа кој модел нуди иднина во новата геополитичка реалност.
Европа тапка, додека светот трча
Европската економија навистина не е во добра форма. Меѓународниот монетарен фонд прогнозира раст на еврозоната од околу 1,2 % во 2025 година и 1,1 % во 2026. Тоа е темпо кое не инспирира, особено во свет каде САД растат побрзо, а Азија уште побрзо. Евростат бележи раст од само 0,3 % во третиот квартал од 2025 година, со пораст на вработеноста од 0,2 %. Доволно за да се избегне рецесија, но премалку за да се создаде чувство на напредок. Европа тапка, додека светот трча.
Подлабокиот проблем е продуктивноста. ОЕЦД јасно констатира дека јазот меѓу ЕУ и САД во продуктивноста се проширува уште од почетокот на милениумот. Тоа не е идеолошка критика, туку структурен дефект, токму она што Гренел го нарекува „мртва иновација“.
Европa води политика на гасење пожари
Европската комисија прогнозира дефицити од околу 3,3% од БДП и во 2025 и во 2026 година. Во комбинација со стареењето на населението, повисоките трошоци за одбрана и енергетската транзиција, маневарскиот простор на владите станува сè потесен.
Во таков контекст, европската политика сè повеќе личи на постојано гасење пожари, а сè помалку на визија. Тоа го храни наративот дека европскиот модел е исцрпен, теза која во Вашингтон сè почесто се изговара гласно, а во Брисел се премолчува.
Но, сликата не е еднострана. Европската Унија во 2024 година оствари суфицит на тековна сметка од 493,5 милијарди евра, што е 2,8% од БДП. Тоа значи дека Европа сè уште произведува и извезува повеќе отколку што троши. Проблемот не може да се нарече колапс, туку стагнација.

Трговска војна под површината
Судирот меѓу САД и ЕУ најјасно се гледа во трговијата. Вкупната размена меѓу двете страни во 2024 година изнесува околу 1,6 до 1,7 трилиони евра. ЕУ има суфицит од околу 50 милијарди евра ако се гледаат стоки и услуги заедно.
Но, од американска перспектива, сликата е поинаква. Според податоците на Kанцеларијата задолжена за американската трговска политика (USTR), САД имаат дефицит во трговијата со стоки со ЕУ од 235,9 милијарди долари во 2024 година. Тоа е бројка што во Вашингтон се користи како аргумент за „нефер однос“.
Американскиот секретар за трговија Хауард Лутник во Давос настапи со отворена самодоверба, предупредувајќи дека САД нема да толерираат европски контрамерки и царини. Пораката беше јасна: партнерството останува, но под услови диктирани од Вашингтон.
Проширувањето на ЕУ веќе е секундарна тема?
Во оваа клима, проширувањето на ЕУ станува секундарна тема. Официјалниот став на Стејт департментот е дипломатски коректен: членството во ЕУ е одлука на кандидатите и земјите членки. Но, зад таа формула стои рамнодушност, не поддршка.
Аналитичари блиски до американските тинк-тенкови предупредуваат дека Европа повеќе не е стратешки приоритет за САД, освен како трговски и безбедносен проблем. Тоа не е отворено противење, туку студена дистанца.
Токму во тој вакуум се појавуваат фигури како Гренел, кои без дипломатски филтер го кажуваат она што дел од американскиот естаблишмент го мисли: дека европскиот пат повеќе не е автоматски „златен билет“.
Европа меѓу модел и мит
Прашањето што се отвора е болно едноставно: дали кризата во ЕУ – економска, развојна и политичка – го доведува во прашање европскиот модел во целина? Одговорот не е црно-бел. Европа не пропаѓа, но и не блеска. Не колабира, но не инспирира.
За земјите кандидати, тоа значи подолг, поскап и понеизвесен пат. Цената на усогласувањето расте, а наградата изгледа сè подалечна. Во такви услови, американските пораки, дури и кога не се официјални, добиваат тежина.
Изјавата на Гренел затоа не е случаен твит, туку симптом. Таа ја оголи пукнатината меѓу Вашингтон и Брисел, и ја стави Србија, но и целиот регион, во средината на еден тивок, но длабок геополитички судир.