КАМИОНИТЕ ОСТАНУВААТ НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ Се чека знак од ЕУ дека ќе го реши проблемот со престојот на возачите
Камионските превозници од државава и нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, сметат дека ЕЕС системот ги дискриминира во однос на тие од ЕУ и бараат да им биде доделен посебен статус и да ги третира како туристи при влез во блокот.
Блокадата со камиони на товарниот сообраќај на граничните премини во државава продолжува и денеска, како дел од заедничкиот протест на македонските и превозниците од Западен Балкан кои бараат решение за проблемите поради електронската евиденција за престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена од април годинава.
Наспроти блокираниот товарен сообраќај на премините кон шенген зоната, кој, според најавите ќе трае најмалку 7 дена, патничкиот сообраќај, функционира непречено.
Камионските превозници од државава и нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, сметат дека ЕЕС системот ги дискриминира во однос на тие од ЕУ и бараат да им биде доделен посебен статус и да ги третира како туристи при влез во блокот.
– Поентата не е да ја заглавиме сопствената стопанска активност, туку да покажеме што може да се случи во одреден период. Кога ќе се приклучат и Турција и другите држави, ќе се работи за над милион тони стока што се движи или чека и тоа треба да биде јасен сигнал за сите. Но не можеме со месеци да држиме блокади, ниту сакаме да им нанесеме штета на нашите производители, трговци и на населението. Ако не се најде решение, ќе се бараат други форми на притисок. Ако Европската Унија не може да издржи еден месец ваква состојба, тогаш јасно е дека овие мерки не може да траат подолго – изјави Билјана Муратовска од асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ на првиот ден од протестот што стартуваше вчера напладне.
Таа потсети дека со секоја држава имаме потпишано билатерални договори во областа на превозот, кои дозволуваат пристап и движење на нивна територија.
Муратовска укажа и дека нема економска оправданост за тоа да се обезбедуваат по двајца возачи кога нема доволно возила.
– Не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи. Тоа не е оправдано ниту од аспект на возачите ниту од аспект на превозниците – рече Муратовска.