ЗАПИРА ТОВАРНИОТ СООБРАЌАЈ КОН ШЕНГЕН ЗОНАТА Превозниците ги блокираат граничните премини

Блокадите се реакција на воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, односно шенген зоната. Се бара решавање на проблемот со евиденција на престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи.

135

Точно напладне превозниците од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина ќе ги затворат за товарен сообраќај граничните премини кои водат кон Европската Унија. Најавено е дека повеќе од 300 камиони во земјава ќе ги затворат товарните терминали на граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево ќе биде затворен од српска страна.

Останатите терминали на граничните премини ќе работат непречено. Што значи дека граѓаните непречено ќе можат да ги минат границите.






Блокадите се реакција на воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, односно шенген зоната. Се бара решавање на проблемот со евиденција на престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи.

Најавено е дека блокадите ќе траат 7 дена колку што трае еден циклус на превоз на стока, но ако ЕУ се согласи да го реши проблемот блокадите веднаш ќе бидат тргнати. Блокадите ги поддржаа и превозниците од другите земји од регионот кои се засегнати од правилата како и од Турција.

-Протестот во сите четири држави ќа почне во 12.00 часот за сите возила што излегуваат од државата, а за сите возила што ќе влегуваат во државата граничните премини се затвораат во 00.00 часот со цел сите што се враќаат дома да може да влезат и да му се приклучат на протестот. Главното барање на превозниците е да се најде решение за престојот на возачите во шенген-зоната да не се евидентираат денови или да ни издаваат некој вид визи што не се лимитирани со број на денови – изјави Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва „Макам-транс“.

Муратовска укажува дека новите правила ќе значат целосен колапс на економијата во државата, односно во целиот регион на Западен Балкан, вклучуваќи ја и Турција (држави што не се членки на ЕУ и на шенген-зоната), поради прекин на синџирот на снабдување. Транспортната индустрија, пак, посочува, во која има вложен огромен капитал и обезбедува прилив на ефективни странски пари во буџетот, ќе биде целосно разнишана.

– Со оваа блокада свесни сме дека ќе има одредени минимални финансиски загуби за сите, но сепак придобивките од ова, ако се реализираат нашите барања, ќе бидат огромни во однос на раст и развој на економијата во државата и во Западен Балкан – вели Муратовска.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески смета дека новите правила за влез во шенген-зоната не решаваат ништо за подобрување на определена област во ЕУ, а нам ни создаваат сериозни проблеми.

-Новите правила ќе влијаат многу лошо врз бизнисот. Мислам дека се најавени сериозни протести и од понеделник се очекува реакциите да се прошират во сите земји погодени од ваквата одлука – изјави Азески.

Како што информира, особено е жесток и критичен тонот на странските инвеститори во Македонија.

-Мислам дека работата ќе добие многу лош тек зашто се преговара поединечно со секоја земја и тоа е став на ЕУ, не заеднички. Ние се обидовме преку нашите релевантни заеднички претставнички тела на Балканот да го актуелизираме ова прашање уште пред шест месеци, но тешко наоѓавме соговорници за тоа. Единствено – „нема промена на одлуката, ние ќе преговараме со секој поединечно“. Но, тоа „секој поединечно“ значи да немаш преглед на ситуацијата. Ние упативме писмо до претседателката на Европската комисија, а информиран сум од Владата дека и премиерот лично ќе оди во Брисел и ќе разговара за ова прашање зашто мислиме дека е исклучително важно и не решава ништо за подобрување на определена област во ЕУ, а создава сериозни проблеми за нас – вели Азески.

Тој како што рече, очекува од денеска реакциите да се прошират во сите земји погодени од ова.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски претходно изјави дека една година алармираат за проблемот со транспортерите и со електронската евиденција во ЕУ истакнувајќи дека се работи за огромен економски проблем, кој може целосно да ги колабира македонската и регионалната економија.

– Иако имав жестока размена на аргументи со надлежните во рамките на ЕУ директно во Брисел, за жал, не наидов на разбирање. Проблемот е многу сериозен од причина што ова ќе влијае врз работата на транспортниот сектор во целиот регион, дополнително на извозно ориентираните компании. Засега решение нема, а Владата целосно ги разбира транспортерите и најавените блокади на граничните премини кон шенген-земјите – рече Николоски.

Тој укажа дека економската активност ќе запре доколку домашните компании што се извозно ориентирани не може да извезуваат, како и дека стануваат неконкурентни на европскиот пазар доколку превозот поскапи за 3 до 5%.

Николоски рече дека во разговорите во Брисел како пример навел дека е голема веројатноста за зголемување на цената на превозот за 5%, со што домашните производи ќе станат неконкурентни на европскиот пазар.

-Системот за влез и излез (ЕЕС) на ЕУ не воведува никакви нови барања во врска со краткиот престој во шенген-зоната – изјави на 19. овој месец портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи, Маркус Ламерт.

Според него, она што го прави ЕЕС е да обезбеди подобро спроведување на постојните правила и систематско откривање на неправилности, ко како што рече ЕК внимателно го следи прашањето за најавите на превозниците и е во контакт со партнерите од Западниот Балкан.

Ламерт потенцира дека со ЕЕС не се воведени никакви измени во однос на постојните правила за престој во шенген-зоната.

– Според правилата, државјани на трети земји без виза имаат право да останат во шенген-зоната вкупно 90 дена во кој било период од 180 дена. Сè што е надвор од ова мора да биде покриено со виза за долг престој или со дозвола издадена од земја членка – рече Ламерт.

Тој додаде дека шенген-правилата веќе им даваат флексибилност на превозниците, особено на оние што често ја преминуваат границата на ист премин.

Поврзани содржини