📽️ ЗИМСКА АПОКАЛИПСА ВО САД Десетици држави прогласија вонредна состојба, 180 милиони луѓе во опасност
Масивна зимска бура зафати голем дел од САД, со стотици милиони луѓе во состојба на готовност и илјадници откажани летови.
Најмалку 20 американски држави прогласија вонредна состојба поради силни бури и снежни невремиња што ја зафатија земјата.
Повеќе од 180 милиони луѓе се во состојба на готовност поради масивна бура што се протега од Ново Мексико до Мејн, а се очекува да го парализира јужниот дел на САД со мраз, снег и екстремно ниски температури, објавува Еј-Би-Си Њуз.
Вонредна состојба прогласија Алабама, Арканзас, Делавер, Џорџија, Индијана, Канзас, Кентаки, Луизијана, Мериленд, Мисисипи, Мисури, Њу Џерси, Њујорк, Северна Каролина, Пенсилванија, Јужна Каролина, Тенеси, Тексас и Вирџинија, додека и Вашингтон, кој припаѓа на округот Колумбија, донесе иста одлука.
Американските медиуми најавуваат дека 25 јануари ќе остане запаметен како еден од деновите со најмногу откажани летови во историјата на американската авијација, со повеќе од 8.000 летови веќе откажани поради лошите временски услови.
Компанијата „American Airlines“ откажа 37 отсто од вкупните летови, додека околу 85 проценти од летовите на аеродромот Ла Гвардија во Њујорк веќе се откажани.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби (FEMA) ги подготвува ресурсите за справување со бурата, вклучително и претходно позиционирање на опрема и материјали, се наведува во интерен документ до кој дојде Еј-Би-Си Њуз.
Во Камп Минден, Луизијана, FEMA подготви 250.000 оброци, 400.000 литри вода и 30 генератори.
Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на граѓаните да бидат внимателни и да останат на топло.
„Тукушто одобрив вонредна состојба за Тенеси, Џорџија, Северна Каролина, Мериленд, Арканзас, Кентаки, Луизијана, Мисисипи, Индијана и Западна Вирџинија. Тесно соработуваме со ‘FEMA’, гувернерите и државните тимови за управување со вонредни состојби за да ја обезбедиме безбедноста на сите. Чувајте се и останете на топло“, напиша Трамп на Truth Social.