109 УАПСЕНИ ПОРАДИ СОМНЕНИЈА ЗА ИЗБОРНА ИЗМАМА Повеќе од 68.000 гласови украдени на косовските избори

Станува збор за организиран обид и директна намера за поткопување на резултатите и волјата на граѓаните, изјави обвинителот на Призрен.

456

Повеќе од 100 лица се уапсени во Косово поради сомненија за фалсификување на резултатите од парламентарните избори одржани на 28 декември, а наредено е повторно пребројување на сите гласови, соопшти обвинителот од Призрен, Петрит Кријезиу.

– Станува збор за организиран обид и директна намера за поткопување на резултатите и волјата на граѓаните, изјави тој, додавајќи дека 109 лица се приведени поради фалсификување изборни резултати, притисоци и заплашување, како и активна и пасивна корупција.






Според него, постои сомнеж дека биле манипулирани повеќе од 68.000 гласачки ливчиња на изборите на кои победи партијата на досегашниот премиер Албин Курти. Истрагата за наводната измама започна во средината на јануари, но сè уште не е познато дали некоја политичка партија имала корист од тоа.

Според прелиминарните резултати, движењето Самоопределување освоило повеќе од 51 отсто од гласовите.

По утврдување на „висок степен на неточности“ при делумното повторно пребројување, Државната изборна комисија нареди повторно пребројување на гласачките ливчиња на сите избирачки места, соопшти претседателот на комисијата Крешник Радониќи.

По оваа одлука, обвинителката Лаура Пула отвори истрага за можни кривични дела поврзани со изборниот процес.

Изборите беа одржани по повеќе од десет месеци политичка блокада, откако ниту една партија не успеа да формира стабилна влада. Новото пребројување и истрагата дополнително го одложуваат формирањето на парламентот и владата, продлабочувајќи го институционалниот застој.

По гласањето, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас изјави дека Брисел очекува брзо формирање на нова влада за да се надмине политичкиот застој.

Поврзани содржини