„КРЕШЧЕНДО“ МЕЃУ ОБОИСТКАТА И ДИРЕКТОРОТ НА ОПЕРАТА Дисциплинска комисија ќе суди во спорот меѓу Татијана Петрушевска и Оливер Арсовски
Петрушевска и Арсовски денеска, во одвоени изјави за медиумите, излегоа со спротивни ставови во врска со суспензијата и причините што довеле до нејзино привремено отстранување од работното место, како и со меѓусебни обвинувања за мобинг.
Комисија во Националната опера и балет (НОБ) на дисциплинска постапка ќе ги утврдува околностите и ќе донесе одлука за обоистката во оркестарот Татијана Петрушевска. Таа на 16 јануари беше привремено суспендирана од работа од директорот на НОБ, Оливер Арсовски, поради нарушување на работниот процес додека тој ден оркестарот имал проба со диригентот Едуард Амбарцумјан.
Петрушевска и Арсовски денеска, во одвоени изјави за медиумите, излегоа со спротивни ставови во врска со суспензијата и причините што довеле до нејзино привремено отстранување од работното место, како и со меѓусебни обвинувања за мобинг. Обоистката кажа дека има поддршка од Синдикатот за култура (СКРМ) и ќе ја застапува адвокат. Тврди дека нејзиното суспендирање е незаконско и тенденциозно.
Смета дека одлуката да ѝ се забрани влез во институцијата, во која работи 30 години, и казнувањето со 50 отсто помала плата во наредните шест месеци е самоволие на директорот Арсовски од кого, како што изјави, таа и други вработени една година трпат тортура и мобинг и дека во МОБ има девастирани меѓучовечки односи и нездрава атмосфера.
– Во образложението пишува дека има изјава од колега, на ист ранг со мене, и од диригентот, дека јас со своето арогантно однесување создавам нездрава атмосфера за работа. Ако жолчно дебатираме за некоја тема за време на создавање на едно уметничко дело, дали тоа значи ароганција? Дали јас како уметник немам право да гестикулирам и да си го кажам своето мислење во еден одреден момент и да седнам и да продолжам да свирам? Ете тоа беше образложението. Врз основа на изјава на двајца луѓе јас добивам суспензија за којашто сметам дека апсолутно не е законски издржана. А тоа ќе си го каже и адвокатот. Тоа е повреда на постапката, директорот сам не може да одлучи за такво нешто. Овие негови одлуки се надвор од сите ингеренции на директорот и уште еднаш го докажа неговиот насилнички однос и потребата од покажување надмоќ, изјави Петрушевска.
Директорот на НОБ Арсовски потоа на прес-конференција рече дека токму Петрушевска им врши мобинг на другите членови во оркестарот и дека тоа трае повеќе години. Кажа дека од нејзиното однесување не се жалел само диригентот Амбарцумјан, со кого НОБ соработува 20 години, туку имало и од други диригенти и од нејзини колеги музичари поплаки во писмени изјави за проблеми што ги правела и за попречување на работата. Рече дека ја суспендирал привремено додека завршат пробите за балетската претстава „Мадам Бовари“, која е вечер на сцената на НОБ и на нејзино место ќе свири друг обоист.
– Нема никаква казна до овој момент, чекаме на дисциплинската комисија што ќе одреди, таа ќе се состане во понеделник. Како ќе одлучат, јас тоа ќе го потпишам, не прејудицирам што ќе одлучат. Тогаш ќе престане и суспензијата и, доколку некој мисли дека е незаконски, потоа ќе биде работа на судот. А јас за некои наводи што таа ги има кажано за мене ќе реагирам преку судот. Улогата на управата не е да зазема страни, туку да обезбеди ред, дисциплина и зачувување на уметничките стандарди. Како директор на оваа институција нема да дозволам нарушување на работните процеси и непочитување на редот, дисциплината, хиерархијата во оркестарот каде што диригентот е водечки авторитет. Нема да дозволам личната нетрпеливост на поединци да се манифестира со отсуство на респект кон колегите и соработниците од странство, со кои долги години заеднички работиме на квалитетни продукции за нашата публика, рече Арсовски на прес-конференцијата.
Таа нагласи дека Петрушевска е извонреден музичар, дека со неговата одлука суспензија не ѝ е даден отказ, но дека се решил на ваков чекор зашто таа покажува нетрпеливост, често прави испади и за нејзиното однесување тој досега десетина пати разговарал со неа.
Ги нарече невистинити и паушални тврдењата на Петрушевска и оти со нив се нанесува штета на угледот на Националната опера и балет која има над 500 вработени и „мора да функционира со јасна хиерархија, поделба на одговорностите и почитување на работната етика и дисциплина“. Неточно е, рече, и нејзиното тврдење дека донел одлука да ѝ се намали платата, освен ако законот не го предвидува тоа додека трае суспензијата.
Директорот на МОБ смета и дека синдикатот СКРМ избрзано реагирал и апелираше „да не потпаѓа под влијанија на поединци кои ја злоупотребуваат неговата улога туку да продолжи да се залага за правата на колективот и достоинството на институциите“. Ја пренесе и реакцијата на оркестарот на НОБ кон Синдикатот за култура поради тоа што без да се консултира со сите свои членови во НОБ објавил текст на Фејсбук заедно со документите за суспензија на Петрушевска пред да почне правната постапка.