КОЛКУ ПОВЕЌЕ ЧИТАТЕ, ТОЛКУ ПОДОЛГО ЌЕ ЖИВЕЕТЕ Читањето е поврзано со долговечноста

Истражувачите од американскиот универзитет „Јејл“ откриле дека луѓето кои редовно читаат книги живееле во просек 23 месеци подолго.

90

Сè поголем број истражувања посочуваат дека читањето може да биде многу помоќно отколку што се мисли. Всушност, редовното читање е поврзано со понизок стрес, подобро помнење, заштита од умствен пад и деменција, па дури и – со подолг живот. Имено, според нови испитувања од американскиот универзитет „Јејл“, луѓето кои редовно читаат книги живеат во просек 23 месеци подолго од оние кои воопшто не читаат. Новиот научен труд е објавен во „Журналот“ за неврологија (The Journal of Neuroscience).

Секој јануари, многумина си поставуваат цел – конечно, да читаат повеќе. Се враќаме на читањето одново, затоа што звучи како здраво ветување за повеќе мир, здрава љубопитност и бегство од секојдневието.






– Кога ќе се изгубите во книга, често влегувате во состојба слична на транс, слична на медитација, а оваа состојба е длабоко заштитна. Значи, ако вашата новогодишна одлука е да читате повеќе, можеби правите повеќе отколку само надополнување на вашата библиотека. Вложувате во структурата на вашиот мозок, вашата емоционална отпорност и вашата сопствена долговечност – вели Зои Шо, психотерапевт од Лос Анџелес, која го истражувала односот меѓу читањето и долговечноста.

Ефектот на долговечноста: Зошто читателите на книги живеат подолго?

Идејата дека читањето може да помогне за подолг живот, можеби звучи „премногу добро за да биде вистинито“, но истражувачите од Училиштето за јавно здравје при „Јејл“ ѝ даваат дополнителна научна тежина.

Во текот на 12 години, истражувачите следеле 3.635 лица на 50 години и повозрасни, прочучувајќи ја врската меѓу навиките за читање и преживувањето. Тие откриле дека луѓето кои редовно читаат книги живееле во просек 23 месеци подолго – дури и откако ќе се земат предвид фактори како образованието, приходот, основното здравје, депресијата и когнитивните способности. Со други зборови, самото читање било поврзано со поголема долговечност, а не само со придобивките што често ги имаат читателите.

Елизабет А. Л. Штајн-Мороу, истражувачка и професорка по Образовна психологија на Универзитетот на Илиноис во Урбана-Шампејн која не е вклучена во истражувањето на „Јејл“, се согласува со наводите, како и Рејмонд Мар, професор по психологија на Универзитетот „Јорк“ во Канада.

– Социјалната поврзаност е неверојатно важна за здраво стареење. А, читањето фикција може да ни даде замена за социјално искуство. Кога читаме, ментално вежбаме врски, емоции и перспективи – дури и кога сме физички сами – вели професор Мар.

Осаменоста денес се смета за фактор на ризик за предвремена смртност, споредлив со пушењето и со дебелината. Книгите помагаат во борбата против осаменоста, нудејќи друштво без притисок и интимност без ранливост – а и читателите кои учествуваат во клубови за книги, исто така, добиваат многу реална социјална корист. Натаму, друга причина зошто читањето ја подобрува долговечноста е тоа што се чини дека делува благотворно на намалување на стресот.

– Кога луѓето читаат, тие често влегуваат во фокусирана, но контемплативна ментална состојба. За некои, тоа дури станува и еден вид медитација и начин за другите медитативни практики. Смиреноста што ја носи читањето може да помогне во намалувањето на стресот и така да се поттикне долговечноста – објаснува проф. Мар.

– Ова има смисла, бидејќи стресот е еден од најмоќните забрзувачи на стареењето – истражувањата покажуваат дека го зголемува воспалението во телото, го нарушува сонот, ја ослабува имунолошката функција и го оптоварува кардиоваскуларниот систем – дури и на молекуларно ниво. Накратко, читањето нежно го става нервниот систем во состојба на регулирање, вклучувајќи го мозокот додека му овозможува на телото да се одмори – се надоврзува проф. Шо.

Но, подолгиот живот е само дел од приказната – повеќето луѓе сакаат да го одржат својот мозок здрав како што стареат. Тука читањето може да има уште поголемо влијание. Во таа смисла, стручњаците нагласуваат дека читањето не ги запира биолошките процеси на деменција, туку му помага на мозокот да функционира подобро и покрај нив.

– Читањето истовремено активира повеќе мозочни мрежи – јазик, внимание, меморија и имагинација – коешто, со тек на времето, ја зајакнува когнитивната резерва. Когнитивната резерва е способноста на мозокот да компензира за оштетувања или промени поврзани со возраста, помагајќи му да остане флексибилен и отпорен како што старееме. Сите сме запознаени со принципот „искористи го или изгуби го тоа“, а читањето ги вежба нашите ментални мускули со тоа што нè тера да замислуваме нови искуства и идентитети, пренесувајќи нè во нови, привлечни светови коишто ја стимулираат нашата љубопитност и барајќи од нас да задржиме многу информации во нашите умови – вели Шо.

На емоционално ниво, читањето е исто толку моќно, потсетува Мар.

– Нашето истражување се сосредоточува на потенцијалот на фикцијата да поттикне емпатија. Приказните нè ставаат во телото на луѓе со различни идентитети и искуства. За да ги разбереме, се потпираме на сопствените емоционални сеќавања – а оваа практика ја зајакнува нашата способност да ги разбираме другите во реалниот свет – појасни Мар.

Ник Батрик, доцент по социјална психологија на Универзитетот на Висконсин-Медисон, дополнително ги објаснува овие ефекти.

– Луѓето кои читаат повеќе имаат тенденција да го гледаат социјалниот свет низ посложена леќа, што помага да се разбере секојдневниот свет на побогат и помалку стереотипен начин – вели тој.

Аудиокнигите и љубовта на мозокот кон зборовите

И аудиокнигите, исто така, се вклучени во овие совети, препораки и придобивки. Научниот труд открива дека мозокот ги обработува приказните речиси идентично, без разлика дали се читаат или се слушаат.

– И додека слушаме аудиокнига, сè уште градиме ментални модели на ликови и светови. Многу од истите процеси се вклучени – нагласи Мар.

Батрик се согласува, забележувајќи дека не станува збор за движењето на очите на страницата, туку се работи за средба со различноста, предизвикот и новината.

– Аудиокнигите дури можат да понудат и уникатни придобивки. Тие им овозможуваат на луѓето да ги комбинираат приказните со движењата, како одење или вежбање. И таа комбинација може да има дополнителни здравствени придобивки, а воедно и да го подобри и задржувањето на умственото здравје – надополнува проф. Шо.

Сè на сè, „читањето е активност на целиот мозок  – истовремено го помнењето, вниманието, важноста, емоциите и имагинацијата“, се согласуваат психолозите.

– За да ги искористите овие придобивки од читањето, треба да го претворите во навика – но не мора да правите драстични промени. Така, 10 до 30 минути на ден се доволни за да ги почувствувате значителните придобивки со текот на времето, па затоа најдобриот совет е: Едноставно, правете го тоа – вели Батрик.

Мар се сложува, препорачувајќи: Планирајте го тоа време како што би планирале и секое друго нешто што го цените. Исто така, важно е навиката да ви донесе задоволство.

– Изберете книги што навистина ве интересираат, а не онакви за коишто мислите дека „мора да ги прочитате“ – советува Шо.

Затоа што, на крајот на краиштата, читањето носи многу повеќе корист од забавата – без разлика кога ќе почнете. Во таа смисла, стручњаците велат: Никогаш не е предоцна да се откријат – или преоткријат радоста и долгорочните придобивки од читањето.

Поврзани содржини