📷„ДАНСКА НЕ МОЖЕ ДА ГО ЗАШТИТИ, МОРАМЕ ДА ГО ИМАМЕ“ Трамп со фотомонтажа потврди дека не се откажува од Гренланд
Американскиот претседател најави дека темата ќе ја отвори и пред европските лидери на Светскиот економски форум во Давос.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја отвори темата за преземање контрола врз Гренланд, автономна територија под суверенитет на Данска, оценувајќи дека Копенхаген не е во состојба да го заштити островот, кој, според него, има клучно значење за глобалната безбедност.
Трамп ова го изјави пред новинарите во Флорида, непосредно пред заминувањето за Вашингтон, нагласувајќи дека Гренланд е од стратешко значење за Соединетите Американски Држави.
– Данците се прекрасни луѓе, но тие дури и не одат таму. Мораме да го имаме Гренланд. Данска не може да го заштити – изјави Трамп.
Тој најави дека прашањето за Гренланд ќе биде една од темите на разговор со европските лидери на Светскиот економски форум во Давос, каде што ќе присуствува на чело на голема американска делегација.
Американскиот претседател потврди дека веќе разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и дека е договорена средба во Давос.
– Имав многу добар телефонски разговор со Марк Руте за Гренланд. Како што им ставив до знаење на сите, Гренланд е од клучно значење за националната и глобалната безбедност. Нема враќање назад, сите се согласуваат за тоа – напиша Трамп на својот профил на „Truth Social“.
Во истата објава, Трамп ја истакна воената моќ на Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека земјата е единствената сила способна да гарантира глобална стабилност.
– Соединетите Американски Држави се убедливо најмоќната земја во светот. Обновата на нашата војска започна во мојот прв мандат и продолжува со уште побрзо темпо. Ние сме единствената сила што може да обезбеди мир во светот, а мирот се постигнува со сила – напиша Трамп.
Прашањето за Гренланд и претходно беше тема на тензии меѓу Вашингтон и Копенхаген, но најновите изјави на Трамп повторно ја актуелизираат дебатата за геополитичкото значење на Арктикот и безбедносната улога на САД во регионот.