НОВ УДАР ЗА КИНЕСКИТЕ ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА Европската Унија планира да им ја зголеми царината

Пресметките на ЕУ покажуваат дека државните субвенции им овозможуваат на кинеските производители да ги продаваат своите возила на европскиот пазар за по околу 20% пониски цени.

251

Извршниот потпретседател на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија, Стефан Сежурне се залага кинеските хибридни автомобили да бидат опфатени со царинскиот режим на ЕУ, со што би се зголемиле царините за нивниот увоз во блокот, објави бриселски „Еурактив“.

Порталот, повикувајќи се на извори во Кабинетот на Сежурне, наведува дека во рамки на Европската комисија се дискутира за воведување на царини до 35,3 отсто за кинеските возила со комбинација на мотори со внатрешно согорување и електрични мотори, чиј увоз во ЕУ бележи зголемување во текот на минатата година.






Во моментов ЕУ наплатува царина од 35,3 проценти за увозот на електричните возила од Кина, која беше воведена во 2024 година откако истрагата на ЕК утврди дека субвенциите што им ги даваат кинеските власти на домашните компании ги поткопуваат позициите на европските производители на автомобили. Комисијата процени дека со овие „нефер субвенции“ кинеските автомобилски производители се стекнуваат со значителна предност на европскиот пазар на возила.

Со новата идеја на Сежурне сега се предвидува оваа царинска стапка од 35,3 отсто покрај за електромобилите да важи и за кинеските хибридни возила.

Европската комисија минатата недела издаде нови упатства со кои на странските компании им се овозможува да се обврзат дека возилата извезени во Европската Унија нема да ги продаваат под минимални утврдени цени, со што би избегнале дополнителни давачки. Дополнително, компаниите би имале поволности и ако се обврзат да инвестираат во ЕУ или да го ограничат својот извоз на европскиот пазар.

– Целта е да им се дадат насоки на кинеските извозници, кои можеби размислуваат да поднесат понуди за утврдување на цените за извоз на електрични возила во ЕУ, кои во моментов се предмет на компензациски давачки – изјави тогаш портпаролот на Комисијата, Олоф Гил.

Според него, Комисијата е подготвена да разгледа и други предлози под услов тие „соодветно да се справуваат со нефер конкуренцијата“ и да покажат дека се „изводливи во пракса“.

Пресметките на ЕУ покажуваат дека државните субвенции им овозможуваат на кинеските производители да ги продаваат своите возила на европскиот пазар за по околу 20% пониски цени.

Како резултат на ова, ЕК донесе одлука за воведување на царините кои не важат само за кинеските производители, туку и за германски и американски компании што произведуваат електрични возила во Кина.

Како одговор на ваквите мерки, Кина воведе посебни царини за увозот на повеќе стоки од ЕУ, вклучително и за жестоки пијалаци, свинско месо и млечни производи.

Поврзани содржини