ПО ОБВИНУВАЊАТА ЗА ЗЛОУПОТРЕБА, ХУЛИО ИГЛЕСИЈАС ДАЛ ИНТЕРВЈУ ЗА „HOLA“ Вистината ќе излезе на виделина и сè ќе биде разјаснето

Шпанскиот пејач Хулио Иглесијас се подготвува за одбрана од обвинувањата за сексуална злоупотреба и трговија со луѓе, објави списанието за славни личности Hola, кое имало телефонско интервју со пејачот! Во меѓувреме, други шпански медиуми пишуваат дека шпанската влада ја разгледува можноста да му го одземе на пејачот Орденот за уметност кој му беше доделен во 2010 година.

200

Легендарниот шпански пејач Хулио Иглесијас се подготвува за својата одбрана од обвинувањата за сексуална злоупотреба и трговија со луѓе кои против него ги подигнаа две жени кои биле негови поранешни вработени, објави списанието за славни личности Hola!.

Приказната објавена доцна вчера (14.01), доаѓа откако обвинувањата против една од културните икони на Шпанија беа откриени од шпанскиот весник elDiario.es и американската телевизиска мрежа Univision.






Жените – домашна работничка и физиотерапевт – тврдат дека претрпеле сексуална и друга форма на злоупотреба додека работеле на имотите на Иглесијас во Доминиканската Република и на Бахамите во 2021 година.

Групите за застапување Women’s Link Worldwide и Amnesty International изјавија дека жалбата поднесена до шпанските обвинители на 5 јануари ги наведува наводните дела што би можеле да се сметаат за „кривично дело трговија со луѓе со цел принудна работа“ и „кривични дела против сексуалната слобода“.

Според нивните сведочења, Иглесијас ги подложил на „сексуално вознемирување, редовно им ги проверувал мобилните телефони, им ја ограничувал можноста да го напуштат домот каде што работеле и барал од нив да работат до 16 часа на ден без слободни денови“.

82-годишниот пејач, добитник на Греми, Иглесијас, не дал никакви јавни коментари за обвинувањата, но сега Hola! соопшти дека разговарале по телефон со пејачот кој им рекол дека вистината ќе излезе на виделина и дека сè ќе биде разјаснето, но не дале директни цитати од разговорот.

Иглесијас ја подготвува својата одбрана и сака да ги разјасни сите сомнежи за тоа што се случило, напиша Hola!, велејќи дека го добиле ексклузивното интервју благодарение на долгогодишното пријателство со него.

Придружбата на Иглесијас приватно ги негира обвинувањата и е шокирана, додава Hola!.

Обвинувањата предизвикаа силни реакции во Шпанија, при што членовите на левичарската влада ги поддржаа подносителите на жалби и побараа истрагата да ја утврди вистината.

Шефот на конзервативната опозициска Народна партија, Алберто Нуњез Феихо, кој е пријател со Иглесијас, изјави за телевизијата Телесинко дека е „многу, многу, многу изненаден“, но повика да не се „шпекулира“.

Поранешниот менаџер на Иглесијас, Фернан Мартинез, изјави за Телесинко дека тој бил „многу љубезен“ и уживал во „физичкиот контакт“, но нагласил дека никогаш не ја видел музичката икона „да се однесува агресивно“.

Иглесијас е еден од најуспешните латино уметници на сите времиња, со продадени повеќе од 300 милиони плочи во кариера што трае со децении.

Адвокатите велат дека бранот тужби против познати личности од забавата и музиката во последниве години, поттикнат од движењето #MeToo кое стана познато во 2017 година, открива системска злоупотреба.

Во меѓувреме, шпански медиуми пишуваат и дека шпанската влада ја разгледува можноста да му го одземе Орденот за уметност на пејачот Хулио Иглесијас, кој му беше доделен во 2010 година.

Прашањето за евентуалното одземање на орденот ќе се разгледува на наредната седница на Советот на министри, најверојатно следниот вторник.

Потпретседателката на шпанската влада и министерка за труд, Јоланда Дијаз, изјавила дека одземањето на орденот не ја нарушува претпоставката на невиност и дека настаните што се предмет на истрага „бараат соодветен и примерен институционален одговор“.

Поврзани содржини