🎥 ИМИГРАЦИСКИ АГЕНТ ЗАСТРЕЛА ВЕНЕЦУЕЛЕЦ ВО НОГА Страв и гнев се шират во Минеаполис

Улиците на Минеаполис беа исполнети со чад синоќа на местото на најновиот инцидент, а федералните полицајци носејќи гас-маски и шлемови испукаа солзавец кон мала група луѓе додека демонстрантите фрлаа камења и запалија огномет.

126

Федерален агент застрела и рани мигрант од Венецуела во ногата во американскиот град Минеаполис откако беше нападнат, а ова ново пукање дополнително го интензивираа чувството на страв, но и на гнев низ градот една недела откако агент за имиграција уби жена со пиштол.

Улиците на Минеаполис беа исполнети со чад синоќа на местото на најновиот инцидент, а федералните полицајци носејќи гас-маски и шлемови испукаа солзавец кон мала група луѓе додека демонстрантите фрлаа камења и запалија огномет.






Шефот на полицијата во Минеаполис, Брајан О’Хара, на прес-конференција изјави дека собирот е нелегален и им рече на луѓето да се разотидат. Ситуацијата подоцна се смири на местото на настанот и до рано утрово таму имаше помалку демонстранти и полиција.

Ваквите сцени на протести станаа вообичаени на улиците на Минеаполис откако федерален агент на имиграциската агенција ја застрела 37-годишната Рене Гуд на 7 јануари, која ја попречуваше антиимиграциска акција на агентите на Службата за царина и за имиграција.

Околу 3.000 федерални агенти се испратени во Минеаполис и во Сент Пол, два соседни града во американската држава Минесота.

Федералните агенти ги извлекуваа луѓето од нивните возила и од домовите, а за тоа време  лути минувачи бараат да се спакуваат и да си одат.

Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, ја опиша ситуацијата како „неодржлива“.

– Нашиот град во моментов е во невозможна ситуација додека се обидуваме да најдеме начин да продолжиме напред и да ги заштитиме луѓето, да ги заштитиме нашите соседи, да го одржиме редот – рече тој.

Министерството за внатрешна безбедност соопшти дека повеќе од 2.000 луѓе се уапсени во државата од почетокот на декември и додаде дека нема да се повлече.

Во соопштението во кое се опишани настаните што доведоа до синоќешната пукотница, Службата за имиграција вели дека федералните агенти се обиделе да спречат еден Венецуелец кој бил нелегално во САД, но човекот избегал со возилото и се судрил со паркиран автомобил пред да продолжи да бега пеш. Кога агентите го стигнале, уште две лица излегле од блискиот стан и сите тројца почнале да напаѓаат еден агент. Плашејќи се за својот живот, тој испукал одбранбен истрел.

Двете лица што излегле од станот биле приведени, се додава во соопштението.

Шефот на полицијата О’Хара рече дека Венецуелецот претрпел повреди кои не се опасни по живот и бил хоспитализиран. Извештајот на О’Хара за тоа што се случило во голема мера се совпаѓа со она што го кажа Министерството за внатрешна безбедност.

Настанот се случил околу 6 километри северно од местото каде што беше убиена Рене Гуд.

Тензиите околу спроведувањето на имиграциските закони се високи во САД. Смртта на Гуд предизвика насилни протести во Минеаполис кои се проширија во повеќе градови.

Градските власти на Минеаполис напишаа на Икс дека го разбираат гневот, но ја повикаа јавноста да остане смирена. Тие исто така рекоа дека уште еднаш бараат од федералните имиграциски агенти веднаш да го напуштат градот и државата.

 

Поврзани содржини