ДРОНОТ ШТО ПАДНА ВО ХРВАТСКА ВО 2022 ГОДИНА УШТЕ Е МИСТЕРИЈА ЗА НАТО Загреб нема да испраќа војници во Украина
Oд 2022 година Загреб издвоил повеќе од 300 милиони евра за помош на Киев, нагласи генсекот на НАТО. Премиерот на Хрватска, пак, повтори дека земјата нема да испраќа војници во Украина, туку дека ќе продолжи да помага преку други канали. Пленковиќ e за мировно решение, но смета дека Украина не смее да се откаже од своите територии во замена за прекин на огнот.
НАТО уште не знае кој го лансирал дронот што во март 2022 година се урна во Загреб дрече премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ на прес-конференција со генсекот на НАТО, Марк Руте. Пленковиќ вели дека беспилотното летало дошло од територијата на Украина и летало над Унгарија.
– Сега имаме авиони што можат да реагираат за максимум 15 минути од секој извештај – нагласи Пленковиќ мислејќи на воените авиони „Рафали“ кои неодамна ги купи Хрватска.
Хрватска останува цврст сојузник на Украина
Пленковиќ и Руте порачаа дека Хрватска останува цврсто на страната на Украина и покрај зголемениот притисок од Русија. На средбата во Бански двори во Загреб, Руте ја посочи Хрватска како „силен и сигурен партнер“, нагласувајќи дека од 2022 година Загреб издвоил повеќе од 300 милиони евра за помош на Киев.
Руте подвлече дека Москва нема да успее да ги одврати НАТО-сојузниците од поддршката кон Украина.
– Русија сака да нè одврати, но ние нема да бидеме одвратени – рече генералниот секретар на НАТО.
Мир без предавање територии
Пленковиќ потврди дека „САД имаат силна желба да создадат предуслови за мир“, но повтори дека мирот мора да го прифати Русија, „агресорот на украинска територија“.
– Прекин на огнот треба да биде првиот чекор, но никако по цена Украина де јуре да се откаже од окупираните територии – изјави Пленковиќ.
Тој повтори дека Хрватска нема да праќа војници во Украина, туку ќе продолжи да помага преку други канали.
НАТО со нова заштита, Хрватска со „Рафали“
Руте го пофали фактот што од почетокот на 2026 година Хрватска самостојно го контролира својот воздушен простор со новите повеќенаменски борбени авиони „Рафал“.
Тој потсети дека командантот на НАТО за Европа, Алексус Гринкевич, ја започнал операцијата „Источна гарда“ како одговор на минатогодишните руски напади со беспилотни летала врз Полска и Естонија.