Стратегијата на СДСМ во три чекори – деструкција, хаос и пуч!

Овој СДСМ нема политичка, туку пучистичка стратегија – тоа е стратегија за преврат, за преземање на власта без избори, за пуч. Кому ова не му е јасно, тој нема поим од политика!

965

Последниот медиумски настап на Љубомир Фрчкоски, највлијателниот стратег во опкружувањето на Венко Филипче, лидерот во обид, е многу важен, бидејќи тој целосно ја открива стратегијата на овој СДСМ како во догледно време да ја приграби власта.

Во куси црти, ќе ви го опишам и ќе го прокоментирам тој план, чиишто контури Фрчкоски Постариот јасно ги исцрта во интервјуто на Инфомакс. Не за друго, туку да остане запишано …






Бидејќи е јасно дека овој и ваков СДСМ (партија во распаѓање) нема капацитет и потенцијал да го победи ВМРО-ДПМНЕ, со волјата на народот, на регуларни парламентарни избори, главната задача на Бихаќка сега ќе биде да ги лови „криминалите‘ и „притисоците“ на партијата на власт, сето тоа да го „документира“ и таа „документација“ да ја доставува до Американската амбасада.

Америчката, му се извинувам на „граџанството“ за лапсусот.

Тој денунцијантски материјал треба да им послужи на Американците, кога ќе ги креираат своите нови „црни листи“ за регионот Западен Балкан, да не ја заборават Македонија. Бихаќка мора да се потруди на тие листи да се најдат првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и нивните највлијателни поддржувачи од светот на бизнисот и од другите сфери на општествениот живот.

Можеби и целиот македонски народ – минус „граџанството“, јасно – ќе мора да се најде на некоја „црна листа“.

И така, ВМРО-ДПМНЕ ќе победува на избори, ама СДСМ ќе победува по странските амбасади.

Посебно во Америчката, нели.

Која, да потсетам, според пропагандистите на СДСМ, требаше целосно да го изгуби влијанието во Македонија, како последица на „повлекувањето“ на САД од нашиот регион, што тие го најавуваа. Некои пропагандисти на СДСМ дури предвидоа дека амбасадата на САД во Скопје ќе биде затворена.

Да бе, оваа истава амбасада во која сега ќе доставуваат „документи“. Што е, не ви се верува?

И после многубројните сеанси „документирање“, како што велеше онаа јасновитката што своевремено гаташе на телевизија на писма од обожавателите – нека документа ќе да се среде!

Кога сме веќе кај прашањето на пропагандата и на стратегијата на СДСМ, можеби не е лошо да се размисли идејата на Фрчкоски да ја прифати и ВМРО-ДПМНЕ. Ако ништо друго, треба да се испoштуе нашиот доскорешен амбасадор во ООН во Њујорк (за Вашингтон не доби агреман). Освен тоа, таа идеја со „документирањето“ и не е толку глупава како што изгледа, човече!

Можеби и ВМРО-ДПМНЕ треба да документира и сите, а најмногу Американската амбасада, документирано да ги потсети кој отворено навиваше за Џо Бајден и за неговата администрација пред и за време на изборите во САД, кој грубо го ругаше Доналд Трамп и кој беше „паметниот“ што предвиде дека Американците ќе се повлечат од Западен Балкан за командното место да им се препушти на земјите на ЕУ.

Да не беа тоа, случајно, баш првите пера и перодршки на пропагандата на СДСМ?

Па зошто сега прават планови да ја полнат со „материјали“ токму амбасадата на САД, а не амбасадите на земјите на ЕУ?

Зарем мислат дека на новите американски „црни листи“ нема да има место за луѓето од Кланот Дубаи?

Ако ме прашате мене, јас одамна не сум далдисан по шетање и озборување по амбасади. Сметам дека тоа не треба да биде примарна задача на нашите политичари, особено не на премиерот и на министрите. Можеби тоа треба да биде една од задачите (не најважната) на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и евентуално на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Згора, тврдам дека влијанието на „странците“ врз нашата домашна политика и особено врз расположението на избирачите не е ни приближно такво какво што си замислува нашето „граџанство“. Тоа се митови. Не урбани митови. Паланечки.

Но, од друга страна, потполно ги разбирам луѓето од привременото раководство на СДСМ и нивниот гуру Фрчкоски Постариот. Тие разбираат и јавно признаваат дека ова ВМРО-ДПМНЕ не може да биде поразено од овој СДСМ.

Да биде јасно, кога велам „овој СДСМ“, мислам на ова раководство од Тему, со овој советнички тим и со овие инфантилни пиарчии. Мислам на оваа екипа лузери кои не можат ни мене да ме совладаат онака мушки (без плачипичење), а не па некоја партија да совладаат на избори.

Еве, на пример, наместо тој скап мастраф со техничка влада 100 дена пред избори, предлагам да се воведе ваков модел – на секои парламентарни избори СДСМ да стартува со 10 однапред подарени пратенички мандати, а другите 110 нека се делат според добиените гласови. Фер?

Ама овој СДСМ ни со фора од 10 пратеници не може да победи на избори.

Тажно е тоа. Многу тажно. Љубомир Фрчкоски, ете, има сила тоа да го признае онака ноншалантно. Но, кај Венко Филипче нервозата веднаш се препознава во неговиот пискав глас, кој неартикулирано преминува од отсечно стакато во некаков чуден интимен фалсет и сè така во бескрајни спирали без поенти.

Но, клучната поента се препознава во планот што јасно го исцрта токму Фрчкоски. И го нарече „Пржино 2“. Со што, патем речено, доцни, бидејќи Васко Ефтов, на пример (со кого не сум координиран – ова за пишувачите на глупавите соопштенија на СДСМ, да не му направам беља и на Васе), во анализите веќе стаса до Пржино 4 или 5, не се сеќавам точно.

Да не ми избега поентата. Значи …

Овој СДСМ нема политичка, туку пучистичка стратегија – тоа е стратегија за преврат, за преземање на власта без избори, за пуч!

Кому ова не му е јасно, тој нема поим од политика!

На пучот треба да му претходат агресија и политикантски провокации, обид на таа основа да се создаде некаков нов опозициски „чадор“ – со сите опозициски пајтон партии, плус она што останало од „граџанското“ шуто и рогато (Заева дефиниција) – потоа акција за целосна деструкција на политичкиот процес, денунцирање и компромитација на институциите, а во погодно време ескалација на политички неартикулирани протести и сеопшт хаос.

Така некако македонската почва треба да се култивира, за да се засее семето на превратот, кое потоа ќе никне брзо, па ќе се пржи во лонецот „Пржино 2“ со сите зачини и запршки, за на крајот „странците“ да го притиснат капакот одозгора, додека зајрето не се задуши и не замириса на нова македонска Пуч чорба.

Ете, само така овој СДСМ може да ја приграби власта.

Тоа е планот.

Планот е македонската демократија и волјата на народот да бидат задушени, за Кланот Дубаи, Венко Филипче и неговата екипа да дојдат на власт. Поточно, да се вратат на власт.

Ќе повторам: тој што ова не го разбира, нема поим од политика!

И тука запирам. Совети не делам никому.

Драги политичари, големи сте, си знаете. Само едно ќе ви кажам: не сакам да ми се случи еден ден јас да ве прашам вас – кај ви е сега кубурот што го чувавте за зломака?

Поврзани содржини