📽️ „САКАТЕ ВОЈНА? ЌЕ ВИ ПОКАЖЕМЕ“ Медведев со видео од ракетата „Орешник“ испрати предупредување до ЕУ

Поранешниот руски претседател објави видео со хиперсонична ракета и обвини дека Европа свесно ја турка Русија кон директен воен судир.

3,698

Реториката меѓу Москва и Европа повторно се заострува, откако Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, упати директни и заканувачки пораки кон европските лидери.

Преку објава на социјалната мрежа „Икс“, поранешниот руски претседател порача дека Европа, со зголемената поддршка за Украина, свесно се движи кон воен судир со Русија.






„Сакате војна? Ќе ја добиете“, напиша Медведев, додавајќи дека Москва ќе им покаже на европските политичари „токму што значи тоа“.

Објавата беше проследена со видео од балистичката ракета со среден дострел „Орешник“, која Русија ја претставува како хиперсонично оружје со исклучително голема брзина и способност за маневрирање во завршната фаза од летот.

 

Заканите доаѓаат кратко по втората регистрирана употреба на ракета од типот „Орешник“ врз територијата на Украина. Овојпат цел беше западниот град Лвив, на само шеесетина километри од границата со НАТО преку Полска, што дополнително ја зголеми вознемиреноста во европските безбедносни кругови.

Во истата објава, Медведев жестоко го нападна и францускиот претседател Емануел Макрон, кого подбивно го нарече „Микрон“, обвинувајќи го дека ја турка Европа кон директна конфронтација со Москва.

Тој повтори дека Русија, како што рече, „јасно и безброј пати“ ставила до знаење дека нема да прифати распоредување европски или НАТО сили на украинска територија, но дека западните лидери продолжуваат со истата политика.

Медведев и претходно беше познат по радикална реторика. Од почетокот на војната во Украина, тој повеќепати предупредуваше дека директното вклучување на НАТО би можело да се смета како објава на војна против Русија, со сериозни последици по европската безбедност.

Острите пораки доаѓаат во период на ескалација на нападите и зголемени меѓународни тензии. Москва тврди дека последните ракетни удари се одмазда за наводен напад врз една од резиденциите на рускиот претседател Владимир Путин – обвинување што беше демантирано од Киев и западните сојузници, вклучувајќи ги и САД.

Поврзани содржини