ВЕВЧАНИ ПОВТОРНО СТАНУВА СЦЕНА Карневалот 2026 со силна сатира, маски и музичка програма

Организаторите најавија богата програма, силна сатира и илјадници посетители на најстарата карневалска манифестација во земјава.

297

По повод одржувањето на годинешното издание на „Вевчанскиот карневал 2026“, една од најстарите, највпечатливи и најавтентични културни манифестации во Македонија и поширокиот регион, денеска во ресторанот „Пелистер“ во Скопје се одржа официјална прес-конференција на организаторите.

На пресот учествуваа градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочоски, официјалниот ПР на „Вевчанскиот карневал“, новинарот и водител Антонио Димитриевски, како и Дарко Масларковски, член на бендот „Пука козметика“ и дел од организацискиот тим на манифестацијата.






Пред присутните новинари беа презентирани деталната програма за деновите на карневалот – од 12 до 14 јануари 2026 година, музичките изведувачи кои ќе настапуваат во двете карневалски вечери, како и сите информации поврзани со организацијата, безбедносните мерки и очекуваниот број посетители.

Вовед во карневалската атмосфера даде ПР-от Антонио Димитриевски, кој се осврна на долговечноста и значењето на Вевчанскиот карневал, нагласувајќи дека оваа манифестација одамна ја надминала формата на обичен настан и претставува спој на пагански обичаи, христијанска традиција, современа сатира и автентичен македонски непокор.

– Вевчанскиот карневал е повеќе од забава. Тој е жив културен код, огледало на општеството и простор за слободно изразување преку маските, сатирата и духовитоста. Затоа медиумското присуство и навременото информирање на јавноста се од исклучително значење за промоција и зачувување на ова заштитено нематеријално културно наследство – истакна Димитриевски, заблагодарувајќи им се на бројните медиуми за континуираната поддршка.

Градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочоски, ги поздрави присутните и упати отворена покана до јавноста и медиумите да присуствуваат на „Вевчанскиот карневал 2026“, нагласувајќи дека тие денови Вевчани се претвора во една голема сцена, а традицијата во слобода на духот.

– Суштината на василичарските маски не е само во исмевање на негативните појави во општеството, иако тоа е неизоставен дел од карневалот. Вистинската поента е преку духовитост и заедничка забава да се ослободиме од насобраната негативна енергија од изминатата година и новата да ја започнеме со чист дух, широко срце и отворен ум – порача Кочоски.

Деталната музичка програма за двете карневалски вечери ја презентираше Дарко Масларковски, кој најави настапи на рап, поп и фолк изведувачи што ќе ги забавуваат вевчанци и бројните гости од земјата и странство.

Тој се осврна и на длабоките историски корени на карневалот, нагласувајќи дека преку одредени маски, како што е „Глупи Август“, може да се заклучи дека карневалот е многу постар од пишаните записи.

– Не зборуваме за традиција стара 1.400 години, туку за обичаи стари повеќе од 2.000 години. Преку оваа маска, уште во римско време бил исмеван тогашниот император, што јасно укажува дека потребата да се критикува и исмева власта и негативните појави во општеството постои од дамнина па сè до денес – истакна Масларковски.

Вевчанскиот карневал 2026 ќе се одржи на големиот празник Свети Василиј Велики, или како што вевчанци го нарекуваат Свети Васиља, во периодот од 12 до 14 јануари, кога Вевчани традиционално станува центар на сатирата, маските и слободниот дух.

Поврзани содржини