ДВЕГОДИШНО ДЕТЕ ПОГОДЕНО СО КУРШУМ ВО ГЛАВАТА, СОСТОЈБАТА МУ Е КРИТИЧНА Тешка новогодишна ноќ на скопските клиники
Голем број повреди се поврзани и со употреба на пиротехнички средства. Вкупно 20 пациенти биле примени, дел на Клиниката за пластична хирургија, а две деца на возраст од 12 и 13 години се згрижени на Детска хирургија, каде е планирано оперативно лекување, соопшти д-р Игор Мерџановски.
Двегодишно дете со непознати лични податоци ноќеска е примено на Клиниката за интензивна нега со тешка прострелна повреда на главата од огнено оружје, информираше денеска д-р Игор Мерџановски, директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Детето е во животозагрозувачка состојба. Мерџановски немаше информации за околностите во кои е застрелано детето и упати тие информации медиумите да ги побараат од полицијата.
Бурна новогодишна ноќ имале и хируршките клиники, каде биле згрижени голем број пациенти со различни повреди.
Во текот на ноќта се примени пациенти кои се повредени во 3 сообраќајни несреќи. Повеќе пациенти со лесни телесни повреди се прегледани и пуштени на домашно лекување, а 17-годишна девојка од Тетово е примена со тешка телесна повреда и врз неа е извршена хируршка интервенција.
Во Скопје немало тешки сообраќајни несреќи.
– Регистрирани се и тројца политрауматизирани пациенти по пад од висина. Меѓу нив е и 30-годишен маж, пронајден паднат во реонот на Буњаковец, кој е во животозагрозувачка состојба. Кај него е извршена операција на ’рбетниот столб и моментално се наоѓа на Клиниката за интензивно лекување. На Неврохирургија е примен и 16-годишен пациент од Штип, исто така по пад од висина – рече д-р Мерџановски.
Во текот на ноќта се евидентирани и 8 случаи на физички напади. Шест пациенти со телесни повреди се пуштени на домашно лекување, меѓи кои и едно лице со површна повреда од нож.
Регистрирана е и прострелна повреда во пределот на лактниот зглоб кај пациент од Скопје, а настанот се случил во Прилеп.
Голем број повреди се поврзани и со употреба на пиротехнички средства. Вкупно 20 пациенти биле примени, дел на Клиниката за пластична хирургија, а две деца на возраст од 12 и 13 години се згрижени на Детска хирургија, каде е планирано оперативно лекување. На Клиниката за трауматологија е примен и 69-годишен пациент со повреди на левата подлактица и шака од пиротехника, додека 3 лица со полесни повреди ќе бидат пуштени на домашно лекување.
Лекарите изјавија и дека бројот на повредени за време на новогодишната ноќ е значително зголемен во споредба со претходните години.