МАЈКАТА ГАБРИЕЛА КРШЕЛА ЅИД ЗА ДА ИМ ВЛЕЗЕ ВОЗДУХ НА ДЕЦАТА Во судницата настана бурно соочување меѓу родителите и обвинетите

По кратко конфронтирање меѓу обвинетите и родителите, реагираше судското обезбедување и ги замоли родителите да бидат тивки. Судијката Диана Груевска Илиевска ги предупреди родителите дека ако така се однесуваат, судењето ќе се одржува без нив.

2,598

Настанаа викотници и префрлања меѓу обвинитите и родителите на крајот од денешното сведочење на мајката Габриела Наунова, чија ќерка Надица загина во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година.

По кратко конфронтирање меѓу обвинетите и родителите, реагираше судското обезбедување и ги замоли родителите да бидат тивки. Дел од нив излегоа викајќи. Судијката Диана Груевска Илиевска ги предупреди родителите дека ако така се однесуваат, судењето ќе се одржува без нив.






На бурното соочување претходеше сведочењето на Габриела Наунова, мајка на Надица Наунова.

– На 15 март Надица беше на роденден кај нејзина другарка во Штип. Кога се врати од забавата, договорот беше да не излегува во саботата, оти за роденденот потрошивме пари, подарокот беше скап, како што заслужува другарка и се договоривме во саботата да не излегува. Таа дента беше на кафе, потоа зборуваше со другарките. И ние не бевме како мајка и ќерка, бевме другарки. Ме викна „Мамо дојди, те бараат другарките“. Ми рекоа „Тетка Габи, пушти ја вечер да излезе“. Јас ѝ реков нели се договоривме вечерва да не излегуваш, оти претходната вечер потрошивме пари. Ми рече, ама Филип ќе дојде. Филип ѝ беше симпатија од Штип. Како мајка, не сакав да ѝ стојам на патот на среќата, па ја пуштив. Ми рече ако одат и другите во „Пулс“ после, и јас ќе одам. Јас вечерта излегов со моите другарки. Кога се вратив околу 10, таа не беше дома. Ѝ свртев, ми рече јас излегов, сега сум во „Булевар“. Тоа беше последен пат кога се чувме. Ѝ реков јас ќе легнам, ме боли многу главата, ако нешто треба ѕвони ми. Телефонот ми заѕвони околу 2.40 часот, ама јас не можев да го најдам. Па заѕвони телефонот на сопругот, се јавив јас. Беше мојата пријателка Анита, ми рече „Габи, диското гори“. Јас го склопив телефонот и веднаш отрчав кај Надица во собата. Кога видов дека Надица не е во собата, претпоставив дека отишла во диското. Го зедов мојот телефон, зедов палто, го разбудив сопругот и тргнавме кон диското. Неколку пати ѝ ѕвонев, не ми се јавуваше, а таа секогаш ми се јавувала. Сфатив дека нешто големо се случува таму. Кога стасавме на кружниот кај „Национал“, имаше полиција, не ни дозволија со колата да се качиме нагоре кон дискотеката. Јас излегов од колата. Кај кружниот тек стоеја луѓе од обезбедувањето, Мартин и Бојата, не знам како му е името, Столе, еден од обвинетите. Се држеше за глава, едниот од нив, не се сеќавам кој, извика „Леле што направивме“. Трчав нагоре, викајќи по Надица, се надевав дека ќе ја видам пред дискотеката. Ама начекав хорор, децата пиштеа. Сакав да влезам во дискотеката, не ме пуштија. Слушав викотници од левата страна, од кај женскиот тоалет и отрчав таму. Имаше девојчиња, се држеа за шипките и викаа „Воздух, воздух, дајте ни воздух“, а од таму излегуваше црн чад. Јас само ги прашав „Надица таму ли е?“ Никој ништо не ми одговори. Се вратив пред влезот и почнав да кршам, бидејќи знаев дека од другата страна се тоалетите. Сакав да направам дупка во ѕидот за да им влезе воздух на девојчињата. Како што кршев, некој ми подаде некое девојче, целото исцрнето, ама живо. Ја потпрев до ѕидот, ја исправив, ја прашав дали е добро, таа само кимна со главата и јас пак се вратив кај влезот. Второ девојче што ми го подадоа беше мојата ќерка. Мојот сопруг влегол во дискотеката и ја нашол пред самиот влез. Кога Аце ми ја подаде Надица, ја зедов и клекнав веднаш за да ја држам исправено, очињата ѝ беа отворени. Мислев дека е онесвестена. Почнав да барам помош, некој вода да ми даде. Едно дете ми даде вода, ја шлапкав, немаше никаква реакција. На сопругот му реков да ја донесе колата. Побарав помош од полицајците што стоеја околу мене. Еден од нив се заврте и ми вика „Не сум јас обучен за тоа“. Па дотрча Жарко, сопругот на починатата Моника, тој ми помогна да ја качиме Надица во неговата кола – сведочеше мајката Габриела.

На прашањето од обвинителот дали знае кој е полицискиот службеник и како се вика, мајката рече дека не знае.

Ја однеле Надица во кочанската болница. Таму имало околу 10 луѓе, биле меѓу првите во болницата.

– Ја зедоа Надица и ја качија директно на Хирургија, ја внесоа во сала, мене ми рекоа да чекам во ходникот. Мојот сопруг си го беше заборавил телефонот дома и нашите патишта се разделија пред дискотеката, кога отрча да го земе нашето возило. Додека се молев во ходникот да ми го спасат детето, дојде доктор Томче, го молев да влезе во сала да ѝ помогне на Надица, ми ги фати рацете и ми рече „Не е само твоето дете“. Пред салата имаше помала просторија, таму имаше друго девојче кое примаше кислород. Тоа девојче викна и јас отидов кај неа. А претходно сопругот ми заѕвоне од нечиј друг телефон, ме праша каде сум. Тој кога дојде, праша како е Надица, а претходно излезе една сестра и ми рече дека на Надица ѝ го вратиле пулсот. Кога викна девојчето, отидов до нејзината соба, имаше еден прозорец од каде се гледаше Надица. Кога видов дека детето ми лежи само на кревет, без никој околу неа, без никој да ми каже дека е почината, целиот свет ми се сруши. Многу е тешко да си го гледаш сопственото дете мртво – рече Габриела и почна силно да плаче.

Заплакаа и другите родители во судската сала во Идризово.

Судијата ѝ рече на мајката да излезе за да се смири.

– Потоа на ништо не се сеќавам, избришани ми се некои моменти. Бев крвава. Мислев дека е кошмар, дека ќе стане, дека тоа што ни се случува не е вистина. Никому не му посакувам да си го види детето мртво. Без изгореница, без трага, уште ѝ мирисаше парфемот на телото – рече мајката.

Обвинителот ја праша кој не ја пуштил да влезе пред дискотеката.

– Тоа беа некои луѓе кои стоеја пред влезот. Не беше никој од обезбедувањето, ни пожарникарите. Тоа беа луѓе кои помагаа, кои ги изнесуваа децата надвор – рече Габриела.

– Како знаете дека тие лица кои ги споменувате вршат обезбедување? – праша обвинителот.

– Јас во последните две години бев редовен гостин во таа дискотека, со моите другарки, особено кога се одржуваа концерти. Тие беа нон-стоп таму, Лазо Портокалот, Бојата, Мартин. Тројца обезбедувачи – рече Габриела.

– Дали носеа обележја дека се обезбедувачи? – праша обвинителот на што приговараше адвокатката Софија Лаличиќ, но судот го дозволи прашањето.

– Цело Кочани знаеше дека тие тројца се обезбедување на дискотеката, ама на себе не носеа никакви ознаки. „Пулс“ беше единствената дискотека во Кочани, таму излегуваа многумина што сега седат овде. Особено не се надевавме дека таа дискотека работи нелегално додека не се случи овој трагичен настан. Излегуваа инспектори од полицијата, градежни инспектори, градоначалници, да речеме 90 отсто од Кочани, сите одевме таму. Никогаш не сум помислила дека работи нелегално и дека се занимава со црни работи. Кога ќе ја видиш полициската инспекторка Кристина Николова таму, градежниот инспектор Николчо, не се сомневаш – рече Габриела.

– Кој градоначалник сте го виделе? – праша обвинителот.

– Јас лично не сум го видела, ама има слики од градоначалникот Ратко како е присутен на отворањето.

– А полициската инспекторка? – праша обвинителот.

– Да, таа одеше таму, ние бевме пријателки. Кристина и Михајло во мое присуство сум ги слушнала. Михајло како ја прашува дали вечер ќе има рација, таа му вели тука ќе немаш, а во дискотеката да, а можеби одговорот беше и обратен, не се сеќавам. Тоа беше во кафулето „Класик“. Михајло лично пред мене ја прашуваше. Сакам да се обратам на сите обвинети, ако вие не се чувствувате виновни за смртта на нашите деца, вие секогаш во нашите очи ќе бидете убијци на нашите деца – рече Габриела за што доби аплауз од присутните родители.

– Не е точно тоа за разговорот со Кристина за моето прашање – се уфрли третообвинетиот на што присутните родители почнаа да викаат „Срам да ти е, твојата девојка бремена загина таму поради тебе“.

Стана градежниот инспектор Огнен Георгиев и го праша сведокот дали него го има видено во диското.

– Јас реков дека сум го видела инспекторот Николчо – рече Габриела Наунова.

– Ова е срамота. Ајде стрелајте ме веднаш, што ме судите. Па и ти си виновна за случката, треба и вие овде да седите, малолетно дете сте пуштиле – ѝ рече обвинетиот градежен инспектор Георгиев на мајката Габриела.

После ова присутните родители почнаа да викаат, да пцујат и да се закануваат во судницата.

Еден рече „ќе те видам во Кочани ќе те убијам“. Една мајка викна дека децата отишле на концерт, а не во диско, друг маж викна „ќе летнат глави на некој пешачки премин“.

Реагираше судското обезбедување и ги замоли родителите да бидат тивки. Дел од нив излегоа викајќи. После друг присутен родител викна, а судијката нареди да го отстранат од судница. Таа ги предупреди дека ако вака се однесуваат, судењето ќе се одржува без нив.

На прашање на адвокатот Јасмин Калач, кој е бранител на Џеват Селами од Дирекцијата за заштита и спасување, дали пред „Пулс“ видела поголем број пожарникарри со заштитни маски и опрема за спасување, како и припадници на МВР да извлекуваат луѓе, мајката Габриела рече:

– Јас не видов пожарникари. Не видов пожарникари да изнесуваат деца надвор. Имаше полицајци, само стоеја со скрстени раце. Не ми помогнаа барем детето да го качам во возилото.

На следното рочиште кое е закажано за 14 јануари 2026 година се очекува да сведочат 5 лица.

Поврзани содржини