ДО АПРИЛ 40 НОВИ КАМИОНИ ЗА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ Новите автобуси ќе стигнат до летото

Ќе набавиме камиони кои ќе штедат на гориво, на сервиси, кои ќе ги задоволат целосно потребите на скопјани, вели скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

47

Четириесет нови камиони за „Комунална хигиена“ ќе бидат набавени до април, најавува градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски. Дел од нив ќе бидат набавени преку јавна набавка за што се обезбедени средства во Буџетот на Град Скопје, а дел преку Светската банка.

– Ќе ги набавиме до април во две фази. Ова е веќе вест за градот, ќе набавиме камиони кои ќе штедат на гориво, на сервиси, кои ќе ги задоволат целосно потребите на скопјани – рече Ѓорѓиевски во гостување на телевизија Сител.






Ѓоргиевски потсети дека во „Комунална хигиена“ имало само 16 функционални камиони и дека сега има околу 40 до 50 камиони, но поради староста на возилата и честите дефекти се случува на дневна основа да се намалува бројката на функционални возила.

Според него, состојбата со ѓубрето во Скопје е далеку подобра од претходно, но сепак вели дека има мал процент на несовесно население поради кое страда целото население. Во изминатиот период, како што посочи, се изречени стотици предупредувања и казни.

До првата половина на следната година очекува да се нормализира состојбата и со јавниот превоз кога треба да стигнат новите автобуси. Рече дека уште има пропусти на одредени места, но дека проблемите се надминуваат. Вели дека набавките за делови не биле платени и дека тоа било еден од предизвиците со кои се соочиле од самиот старт.

– Затоа имаше многу автобуси што беа нефункционални и многу камиони од „Комунална хигиена“ нефункционални – рече Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини