БАДЕНТЕР И ЗА ВЛАДА И ВО УСТАВЕН СУД, НОВ НАЦИОНАЛЕН ДОГОВОР… Ахмети на конгрес побара ветинг за сите функционери во последните 34 години
Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа, изјави Aли Ахмети пред делегатите, нагласувајќи дека единството е предуслов за напредокот на земјата. Тој предложи три клучни мерки за правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид.
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на конгресот на партијата во Скопје најави нов „Национален договор за напредок“ и побара целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години. Тој предложи воведување „извршен Бадентер“ при избор на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд и нова фаза на функционална и фискална децентрализација.
Лидерот на ДУИ рече дека иницијативите имаат цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја зацврстат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.
– Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа – изјави Ахмети пред делегатите, нагласувајќи дека единството е предуслов за напредокот на земјата.
Тој предложи три клучни мерки за правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид.
„Избор на Влада со Бадентер“
Првата мерка е избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер. Таа предвидува новиот состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници.
Според Ахмети, ова ќе ѝ овозможи на Владата да ужива двоен легитимитет и реално да ги претставува сите заедници.
„Бадентер и во Уставниот суд“
Втората мерка се однесува на примената на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд. Ахмети рече дека законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав. Тој предложи уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите.
„Финансиска автономија за појаки општини“
Третата мерка е продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа. Ахмети посочи дека е потребна финансиска автономија на единиците на локалната самоуправа преку правична распределба и враќање на даночните и таксените приходи во општините каде што тие се создаваат.
„Да се истражи имотот на сите, од 1945 година до денес“
Во делот за владеење на правото, Ахмети рече дека ДУИ ја поддржува идејата за темелна истрага за потеклото на имотот, приватизацијата и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, истакнувајќи дека правдата не смее да биде селективна.
„Нов национален договор“
Тој најави дека нивниот предлог за „Национален договор за напредок“ ќе ги обедини сите заедници и експерти околу заедничка визија за државата во која достоинството е гарантирано, а соништата се остварливи. Ахмети повика млади, жени, професионалци и дијаспората активно да се вклучат во процесот за изградба на европска иднина, бидејќи, како што рече, иднината не се гради со поделби, туку со еднаквост и со државничка одговорност.
На конгресот, партијата усвои четири резолуции за зајакнување на унитарниот карактер на државата и функционалната еднаквост, за владеење на правото и независно судство, за национален договор за напредок и одржлив развој и за европска интеграција.