ОСУММИНА УАПСЕНИ ЗА ДЕТСКА ПОРНОГРАФИЈА ВО СРБИЈА Со лажни профили намамувале деца преку социјалните мрежи
На заплените електронските уреди биле пронајдени дигитални материјали кои, според надлежните, претставуваат доказ за сериозни злоупотреби на малолетни лица.
Во продолжение на акцијата „Армагедон“, српската полиција приведе осум лица осомничени за кривични дела поврзани со незаконско прикажување, набавување и поседување недозволени содржини, како и за злоупотреба на малолетни лица преку интернет.
Уапсените се на возраст од 24 до 64 години, а меѓу нив има и еден странски државјанин. Според информациите, во подолг временски период тие преку интернет разменувале и чувале недозволени дигитални материјали.
Се наведува дека тројца од осомничените преку социјални мрежи и комуникациски апликации отвориле лажни профили, претставувајќи се како малолетни девојчиња, по што воспоставувале контакт со други малолетни лица, од кои барале и добивале недозволени фото и видеосодржини.
При претреси на станови и други простории кај сите осомничени, на електронските уреди биле пронајдени дигитални материјали кои, според надлежните, претставуваат доказ за сериозни злоупотреби на малолетни лица, се наведува во соопштението.
По приведувањето, осомничените со кривични пријави биле спроведени во надлежното обвинителство. Информациите ги објави Радио-телевизија Србија (РТС).
Акцијата „Армагедон“ е повеќегодишна специјализирана полициска операција насочена кон откривање и сузбивање на кривични дела поврзани со злоупотреба на деца и малолетници во онлајн-просторот.
Во рамки на акцијата, полицијата континуирано следи активности на интернет, социјални мрежи и комуникациски апликации, со цел идентификување лица кои користат лажни профили и вршат нелегални дејствија на штета на малолетници.
Според српското Министерство за внатрешни работи, последната фаза од акцијата била реализирана и како дел од поширока меѓународна операција за спречување на онлајн-злоупотреби и зајакнување на меѓународната соработка во оваа област.