КИНА ТАЈНО ГРАДИ МЕГАБРАНА НА ХИМАЛАИТЕ Ќе ја дупчат планината поради падот на река од 2.000 метри

Во Индија, медиумите веќе го нарекоа проектот потенцијална „водна бомба“, а неговата близина до спорната граница меѓу двете нуклеарни сили го прави ново жариште во долгогодишниот територијален спор. И покрај огромните влогови, проектот останува обвиен во тајност, што само ги продлабочува сомневањата за намерите на Пекинг.

474

Длабоко во Хималаите, стотици километри од густо населените брегови на Кина, остар свиок во оддалечената река Јарлунг Цангпо ќе стане епицентар на еден од најамбициозните и најконтроверзни инфраструктурни проекти на денешницата.

Кина таму планира да изгради хидроенергетски систем вреден 168 милијарди долари, кој треба да произведува повеќе електрична енергија од која било друга хидроелектрана во светот. Проектот е  клучен за иднината во која Пекинг гледа доминација на електрични возила и енергетски интензивни модели на вештачка интелигенција. Проектот, за кој силно се залага кинескиот лидер Си Џинпинг, останува обвиен во тајност и покрај потенцијално далекусежните последици за регионот и соседните земји, пишува Си-Ен-Ен.






Експертите се согласуваат дека системот, сместен во долниот тек на реката Јарлунг Цангпо во Тибет, ќе претставува невиден инженерски подвиг. Планот вклучува тунелирање низ планината за да се искористи падот на надморската височина од дури 2.000 метри.

Ова би ѝ дало на Кина контрола врз моќна река во регионот кој е познат како „водна кула на Азија“, а во време кога безбедноста на водата станува глобален приоритет. Иако проектот би можел да ѝ помогне на Кина, која е најголем емитер на јаглерод диоксид во светот, да ја намали својата зависност од јаглен, изградбата на браната се заканува да уништи уникатен екосистем и домови на домородното население.

Во исто време, десетици милиони луѓе во Индија и во Бангладеш зависат од реката, а влијанието врз рибарството и земјоделството низводно останува неистражено.

Стратешка игра на покривот на светот

Во Индија, медиумите веќе го нарекоа проектот потенцијална „водна бомба“, а неговата близина до спорната граница меѓу двете нуклеарни сили го прави ново жариште во долгогодишниот територијален спор. И покрај огромните влогови, проектот останува обвиен во тајност, што само ги продлабочува сомневањата за намерите на Пекинг.

Информациите собрани од официјални извештаи и од отворени извори укажуваат на сложен систем на брани, резервоари и подземни хидроелектрани поврзани со тунели.

– Ова е најсофистицираниот иновативен систем на брани што планетата некогаш го видела. Тоа е исто така најризичното и потенцијално опасно – вели Брајан Ејлер, директор на Програмата за енергија, вода и одржливост во Центарот Стимсон во Вашингтон.

Кинеското министерство за надворешни работи во изјава за Ци-Ен-Ен вели дека проектот „претрпел децении длабинско истражување“ и дека „се спроведени темелни мерки за инженерска безбедност и за заштита на животната средина, за да се осигури дека нема негативно да влијае на низводните области“. Министерството додава дека Кина „одржува транспарентност“ и „отворени линии на комуникација со земјите низводно“.

Но, покрај енергетската независност, Пекинг веројатно има и други приоритети, како зајакнување на контролата врз спорните граници и регионите со етнички малцинства.

– Ако ги поврзете точките на развојот на инфраструктурата на Кина во Хималаите… тие се стратешки поставени. Проектот е усогласен со пошироката цел на Кина да ги користи своите природни ресурси за да ја консолидира контролата врз критичните региони како Тибет и неговите граници – вели Риши Гупта од Институтот за политика на азиското општество во Њу Делхи.

Борба за моќ на Хималаите

Реката Јарлунг Цангпо, највисоката голема река во светот, прави драматичен свиок во облик на потковица по границата со Индија, каде што губи околу 2.000 метри надморска височина за само 50 километри.

Се проценува дека падот има потенцијал да генерира околу 300 милијарди киловат-часови електрична енергија годишно, што е околу три пати повеќе од браната Три клисури во Кина, моментно најмоќната во светот.

Јан Жијонг, поранешен претседател на ПауерКина, во 2020 година рече дека проектот „не е само иницијатива за хидроенергија“, туку и проект за национална безбедност.

Иако за него се зборуваше со децении, досега проектот се сметал за премногу предизвикувачки. Сега, сателитските снимки и други извори потврдуваат дека подготвителните работи се во полн ек, а официјалната изградба почна во јули.

Проектот се соочува со огромни геолошки ризици. Областа е една од сеизмички најактивните во светот, а лизгањата на земјиштето и поплавите предизвикани од топењето на глечерите се опасност.

– Предизвикот ќе биде да се изгради систем што може да го ублажи или избегне безбедносниот ризик – вели Ејлер.

Иако кинеските инженери се меѓу најдобрите во светот, нивните вештини ќе бидат ставени на невиден тест.

– Едноставно е зачудувачки што би се посветиле на изградба на ова во толку предизвикувачка геополитичка и геотехничка средина. Но, ако раководството на Кина сега е уверено дека може да се справи со водечките светски развивачи на вештачка интелигенција… убаво е да има суштински неограничен извор на електрична енергија во џебот – вели Дарин Маги, експерт за кинеска хидроенергија.

Кина има долга историја на градење контроверзни брани, како што се Трите клисури, за кои беа расселени повеќе од милион луѓе. Сега се подготвува слично сценарио во еколошки исклучително чувствителен регион. Големиот свиок на реката Јарлунг Цангпо е опкружен со најдлабокиот кањон во светот, дом на древни шуми и загрозени видови, како што се бенгалски тигри и црвени панди.

Фото: Принтскрин

 

– Големиот свиок на Јарлунг Цангпо е еден од најзначајните геолошки и еколошки феномени на планетата – вели Рут Гембл, историчар за животна средина на Универзитетот Ла Троб.

Проектот, исто така, длабоко ќе го наруши животот на локалното население, вклучувајќи ги и домородните народи Монпа и Љоба. Кинеските власти признаа дека „преселбата на локалните заедници“ ќе биде неопходна, а снимките на социјалните медиуми веќе покажуваат конвои камиони кои ги носат жителите во нови населби поблиску до индиската граница.

Додека Пекинг ветува дека ќе ги почитува правата и културата на засегнатите жители, критичарите се плашат од присилно раселување и уништување на традиционалните начини на живот.

„Водна бомба“ и стравовите на соседите

Загриженоста е најголема низводно, во Индија, каде што реката Јарлунг Цангпо станува Брамапутра – река од која зависат милиони луѓе. Највисокиот функционер на индиската држава Аруначал Прадеш предупреди дека браната е „егзистенцијална закана“ и дека Кина би можела да ја користи како „водна бомба“, ослободувајќи или задржувајќи вода по своја волја.

Во Њу Делхи велат дека „внимателно ја следат“ ситуацијата. Кина веќе има контроверзна историја на управување со брани на реката Меконг, каде што е обвинета за предизвикување суши низводно, тврдење што Пекинг го негира. Кинеските експерти велат дека браната би можела да помогне во контролата на поплавите, што е голем проблем во Индија и Бангладеш.

Но, без транспарентност и соработка, ризиците ги надминуваат потенцијалните придобивки.

– Иако браната потенцијално би можела да ги регулира монсунските поплави, лошото управување, како што се ненадејните испуштања на вода, би можело да ги влоши ризиците од поплави – вели Анамика Баруа, професорка на Индискиот институт за технологија во Гувахати.

Охрабрена од плановите на Кина, Индија сега го промовира својот проект за брана на истата река, што предизвика отпор од локалните домородни заедници.

Експертите предупредуваат дека ситуацијата би можела да доведе до опасна трка во вооружување на браните.

– Ако двете земји би можеле да соработуваат, тогаш дел од ризикот би можел да се избегне. Инаку, за реката, трката за изградба на брани меѓу Индија и Кина е трка до дното – заклучува Ејлер.

Поврзани содржини