ВМРО-ДПМНЕ НА КОНГРЕСОТ ЌЕ УСВОИ „СТРАТЕГИЈА МАКЕДОНИЈА 2030“ Партијата веќе нема долгови, новите партиски структури ќе се градат до пролет

За првпат ВМРО-ДПМНЕ нема долгови како партија, немаме изложеност пред банки. За разлика од 2018 година кога не беше розово, рече Мицкоски.

0

ВМРО-ДПМНЕ в сабота во Кавадарци ќе го одржи 18. партиски Конгрес, на којшто ќе се избeрe претседател на партијата, а ќе се усвои и конгресен документ „Стратегија Македонија 2030“ под слоганот „Визија што гради држава“.

Документот ќе открие врз кои столбови ќе се темели политиката на партијата.






Актуелниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски, е единствен кандидат. Тој најави дека ова ќе биде негов последен мандат во партијата и потврди дека нема иницијатива за промена на партискиот статут со која би се овозможило еден кандидат да биде избран повеќе од три пати за лидер.

Мицкоски очекува ова да биде најмасовниот Конгрес на партијата досега. Се очекува да присуствуваат од 850 до 860 делегати и околу 1.800 гости.

– Очекувам успешен Конгрес по кој ќе бидат појасни постапките во годините што следат – рече Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите.

Тој најави дека до крајот на годинава ќе го објави неговиот предлог за нов состав на Извршниот комитет на партијата. Целото партиско структирирање се очекува да заврши до крајот на март, почетокот на април 2026 година. А во април-мај најави и реконструкција на Владата.

– Со тие луѓе ќе се подготвуваме за следните парламентарни избори кои би требало да се одржат пролетта 2028 година – додаде Мицкоски и рече дека се разгледува и опцијата партијата да нема потпретседатели.

На Конгресот ќе биде усвоен и извештај за материјално-финансиско работење на партијата.

– За првпат ВМРО-ДПМНЕ нема долгови како партија, немаме изложеност пред банки. За разлика од 2018 година кога не беше розово – рече тој.

Партискиот имот е замрзнат од 2017 година како дел од судски спорови.

 

Поврзани содржини