ПРОНАЈДЕН МРТОВ ИСЧЕЗНАТИОТ МИЛЕ ТОДОРОВ ОД НЕГОТИНО Трагичен крај на потрагата по 28-годишниот маж
Семејството ја соопшти веста преку социјалните мрежи, без детали за местото и причината за смртта; погребот е најавен за утре во Неготино.
Трагичен крај на повеќемесечната потрага по исчезнатиот Миле Тодоров од Неготино. Неговата сестра, Марија Тодорова, денеска објави дека Миле е пронајден, но за жал, мртов. Во нејзината кратка објава не се откриени детали за тоа каде е најдено телото, ниту во каква состојба.
„Летај со ангелите, Мило наше. Нашите срца ќе останат празни без твојот глас, љубов, добрина, насмевка… Почивај во мир и спокој“, напиша сестрата на Фејсбук.
Миле, кој имаше 28 години, исчезна на 30 јануари годинава, кога заминал на работа во Кавадарци и оттогаш не се јавил на семејството. Последен пат бил забележан во близина на селото Марена, а неколку дена подоцна неговиот мобилен телефон бил пронајден покрај реката во реонот меѓу Марена и Глишиќ.
Во потрагата учествуваа семејството, доброволци и локални жители, а пребарувањето на теренот се прошири на повеќе локации околу Неготино. И покрај широка мобилизација, до вчера не постоеше ниту еден сигурен траг што би укажал на тоа каде се наоѓа.
Надлежните сè уште не излегле со информации дали ќе биде отворена истрага и дали постојат сомнежи за насилство или несреќен случај. Очекувањата се дека службите ќе дадат повеќе детали откако ќе биде направена формална идентификација и ќе се извршат потребните прегледи.
Погребот на Миле е најавен за утре во неговиот роден град Неготино. Семејството во моментов бара приватност, а јавноста со неверување и тага реагира на веста за неговата смрт.