РЕГИСТРИРАНИ 110.000 ПРЕКРШОЦИ ВО СКОПЈЕ ЗА 24 ЧАСА Снимени се околу 5.000 поминувања на црвено

Целта на тест периодот е да ги запознае граѓаните со функционирањето на системот Безбеден град и да се направи ревизија на системското решение.

535

Регистрирани се 110.000 сообраќајни прекршоци за 24 часа во Скопје во првиот ден од функционирањето на системот Безбеден град, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

– Тоа е катастрофална бројка. Вчера имаше околу 1.000 нерегистрирани возила, околу 5.000 поминувања на црвено што е катастрофално. Најстрашно е што над 90% од вкупната бројка е пречекорување на брзината – додаде Тошковски.






Целта на тест периодот е да ги запознае граѓаните со функционирањето на системот Безбеден град и да се направи ревизија на системското решение.

Тој додаде дека се констатирани некои слабости во системот и дека тие ќе се корегираат.

Министерот рече дека системот ќе се имплементира низ целата земја со тек на времето.

Тој додаде дека законот ќе важи за сите, освен за возила на Брза помош и возила на МВР кои се во службени активности.

Рече дека најмалку тројца возачи на министри се казнети за брзо возење.

Во 2024 година имало 142 жртви во сообраќајни несреќи, а министерот порача граѓаните да ја имаат предвид таа бројка кога ќе дебатираат за потребата од системот Безбеден град.

Тој остави можност законот да профункционира од 1 февруари наместо од 1 јануари со цел да се допровери системот и граѓаните да бидат целосно запознаени.

Тошковски истакна дека во Европа има примери каде што нема никаква толеранција во брзината, како на пример во Швајцарија, Белгија и други држави. Има и примери каде што толеранцијата изнесува до 10 отсто над дозволената брзина, и во наредниот период ќе се размислува како тоа да се имплементира кај нас.

– Во однос на слабостите на системот, констатиравме дека за мал број прекршоци не соодветствуваат фактичките податоци во записникот, со идентитетот на оној којшто ја примил пораката. Го знаеме проблемот, беше споделен и на социјалните мрежи, ќе утврдиме точно за причините за истиот и секако ќе го искорегираме -рече министерот.

Во овој тест период се опфатени Скопје, Тетово и Куманово како градови, како и Коридорите 8 и 10.

– Имаме технички проблеми со Коридор 8 и 10 коишто се надевам дека за брзо време ќе ги отстраниме во следните две недели. Целта на Владата е да го имплементира овој проект на територијата на цела Македонија. Секој граѓанин – во Свети Николе, Кочани, Тетово, Јажинце, Охрид, Струмица – заслужува да живее во град каде што безбедноста ќе биде на повисоко ниво. Проектот ќе се имплементира согласно бројот на возила, бројот на жители и статистиката за сообраќајни незгоди. Има повеќе критериуми според кои ќе се водиме во фактичката имплементација – додаде Тошковски.

Поврзани содржини