ИСПЛАТАТА НА ДДВ НЕ Е ПРЕКИНАТА Управата наишла на технички проблеми кај корисници кои смениле банка или сметка
Исплатата за корисниците со валидни и потврдени податоци е во тек, а за останатите ќе биде реализирана веднаш по завршување на техничката преработка.
Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека повратот на средства од мерката МојДДВ за скенирани сметки во третиот квартал од 2025 година продолжува, односно не е прекинат ниту откажан.
– Во процесот на исплата кај дел од спецификациите се појави технички проблем кој бара целосна преработка на истите. Имено, доколку постои дури и само еден налог каде се појавува корисник со промена на банка или трансакциска сметка, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон сите корисници кои се во ист налог, како и корисникот кој извршил промена. Овој предизвик е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување. Целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани, без исклучок – објаснуваат од УЈП.
Исплатата за корисниците со валидни и потврдени податоци е во тек, а за останатите ќе биде реализирана веднаш по завршување на техничката преработка.
УЈП апелира до граѓаните доколку вршат промена на банка или трансакциска сметка, потребно е веднаш да направат ажурирање на податоците во системот. Со тоа ќе се избегнат вакви ситуации во иднина и ќе се овозможи навремена исплата на сите корисници.
– Граѓаните можат да бидат спокојни – средствата кои им следуваат од МојДДВ ќе бидат исплатени – порачуваат од УЈП.