БУЏЕТОТ ЌЕ СЕ ПИШУВА СО ГРАЃАНИТЕ Ѓорѓиевски ќе бара идеи од скопјани

Град Скопје најави целосно отворен процес за креирање на буџетот за 2026 година, а Орце Ѓорѓиевски ги повика скопјани активно да учествуваат со идеи и предлози.

385

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го повика јавниот сектор, бизнис заедницата и граѓаните активно да учествуваат во креирањето на буџетот на Град Скопје за 2026 година, најавувајќи најтранспарентен процес досега.

Градските власти годинава го отвораат процесот за изработка на буџетот со целосна вклученост на јавноста, со порака дека секој скопјанец може да даде свој предлог, идеја или забелешка што ќе влијае врз развојот на главниот град. Од Град Скопје велат дека буџетот нема да биде само финансиски документ, туку план кој ќе се темели на реалните потреби на заедницата и на визијата за модерно и функционално Скопје.






Градоначалникот Ѓорѓиевски рече дека враќањето на довербата во институциите започнува токму со отворениот процес на планирање.

– Транспарентноста отсекогаш била моја водилка. Затоа годинава го отвораме процесот на изработка на буџетот за 2026 година заедно со вас, граѓаните, невладиниот сектор и бизнис заедницата. Вашите потреби и идеи ќе бидат основата на овој документ – изјави тој.

Тој додаде дека досега веќе биле собрани голем број конструктивни предлози, но процесот останува целосно отворен за нови сугестии.

– Ова е моментот кога секој може да влијае со конкретна идеја, предлог или забелешка. Само со заедничка визија и мудро планирање можеме да изградиме силно и достоинствено Скопје – нагласи Ѓорѓиевски.

Во буџетот за 2026 година ќе бидат вклучени и приоритетните капитални проекти што Градот веќе ги најави, инфраструктура, култура, спорт, зелени површини и проекти за подобрување на квалитетот на животот.

Сите предлози граѓаните можат да ги испратат на мејл адресата: [email protected].

Поврзани содржини