Европското (не)единство и поддршката на Украина
ЕУ вели дека е на страна на Украинците, но нејзиниот придонес е поголем во воената каса на Москва. Фактите и посочените едноставни споредби со бројки, на кои се повикува шведската министерка Стенергард, се, всушност, „длабоко засрамувачки“ за ЕУ, која тврди дека е главен сојузник на Украина.
Откако започна руската инвазија ЕУ придонесе повеќе во воениот фонд на Кремљ, отколку во оној на Украина. Тоа е дел од непријатните вистини кои Брисел едноставно не може да ги отфрли.
Иако уделот на Русија во увозот на нафта од ЕУ значително се намали од почетокот на војната, од 27% во 2021 година на само 3% во 2024 година, тој не запре. Ситуацијата е уште полоша кога е во прашање природниот гас. Увозот на руски гас во последните години се намали, но 19% од гасот што се користи во ЕУ сè уште доаѓа од Русија.
Шведската министерка за надворешни работи, Марија Малмер Стенергард, неодамна на Советот за надворешни работи на ЕУ укажа на фактите дека од почетокот на војната во Украина ЕУ има увезено енергија од Русија во вредност од 201 милијарда евра. Во исто време обемот на европската поддршка на Украина изнесува 187 милијарди евра.
ЕУ вели дека е на страна на Украинците, но нејзиниот придонес е поголем во воената каса на Москва. Фактите и посочените едноставни споредби со бројки, на кои се повикува шведската министерка Стенергард, се, всушност, „длабоко засрамувачки“ за ЕУ, која тврди дека е главен сојузник на Украина.
Се разбира, треба да се подвлече дека, сепак, не станува збор за целата ЕУ. Повеќето ЕУ-членки драматично ја намалија својата зависност од руската енергија, додека земји како и Унгарија и Словачка – и двете со влади пријателски настроени кон Кремљ – напротив, го зголемија увозот од Русија. Кога есенва ЕУ конечно одлучи постепено да го укине целиот руски гас до 2028 година, словачкиот премиер Роберт Фицо се закани дека ќе ја тужи ЕУ.
Поддршката од голем број европски држави за Украина во секој случај е голема и растечка, напоредно со тоа што поддршката од САД се намалува. Но и понатаму е далеку нивото да се смета за доволна.
За очекување е дека европската поддршка, и воената и економската, во наредниот период веројатно нема да се зголеми. Токму напротив. Путин го разбира ова и затоа нема причина да брза на преговарачката маса. Од таа гледна точка голема одговорност паѓа врз помалите европски држави кои покажаа најголема посветеност на Украина во директни акции.
Данска, Естонија, Латвија, Литванија се земјите кои обезбедија неспоредливо најголема финансиска и воена поддршка, како дел од нивната вкупна економија. Шведска, Норвешка, Полска и Холандија се веднаш зад нив. Но, и покрај солидарноста на овие осум земји, тие заедно сочинуваат само 30 проценти од вкупната поддршка од Европа, според податоците од Килскиот институт, кој ја мери воената поддршка на Европа за Украина.
Во апсолутни бројки, неколку земји го обезбедија најголемиот дел од донациите за Украина: Франција, Германија и Велика Британија: околу 40% од вкупниот износ. Оваа поддршка е најважна, но исто така е и најмногу неизвесна во иднина, а на што Москва смета.
Во Франција, во 2027 година претстојат претседателски избори, кои судејќи по се нема да бидат во полза на Украина, бидејќи претенденти за власт се Националниот собир и коалицијата на радикални левичарски партии. И двете политички групации изразија скептицизам во врска со давањето премногу поддршка на Украина.
Во Германија постои истиот проблем. Доколку нови избори би ја загрозиле актуелната демохристијанско-социјалдемократска коалициска влада во Берлин (редовните парламентарни избори не се очекуваат до 2029 година), Алтернатива за Германија (АфД), една од најпроруските партии во Европа, веројатно би добила значително индиректно влијание.
Се чини дека во Велика Британија не постои таков парламентарен ризик. Без оглед на тоа дали лабуристите, конзервативците или реформистите ќе победат, поддршката за Украина веројатно ќе продолжи. Она што се испречува на патот, слично како и во Франција и во Германија, се домашните политички проблеми поврзани со нискиот економски раст и високата јавна потрошувачка.
Останува, значи, коалиција од осум европски држави чии лидери истапуваат со ставови дека знаат какви предизвици се во прашање и кои претходно веќе јасно покажаа дека се подготвени да направат жртви за да ја поддржат Украина. Но дали им е на располагање тоа што е потребно за да се спротивставиме на Москва?
Тоа што се повеќе се заговара во европските метрополи, доколку ЕУ навистина сака да ја поддржи Украина, повеќе отколку што ја „поддржала“ руската воена каса, е дека постои едноставна работа што треба да се направи. Најголемиот дел од замрзнатите руски средства се во ЕУ. Многумина сметаат дека на Унијата не би и било потребно американско одобрение за да почне да ги префрла тие пари во Киев. Тие пари би биле потребни таму, и тоа, од една страна, за реконструкција на сето она што Русија го бомбардирала, а од друга и за финансирање на континуираната одбрана од натамошни напади.
Но Белгија повторно постави строги услови за одобрување на предлогот на ЕУ за заем од 140 милијарди евра за Украина, финансиран од замрзнати руски средства што се чуваат во земјата. Според „Фајненшл тајмс“, кој се повикува на документ од Европската комисија, белгискиот премиер Де Вевер предупредува дека планот за користење на руските средства, всушност, би можел да го саботира идниот мировен договор.
Тој исто така бара сите страни да ги споделат трошоците за какви било судски постапки и да се користат и средства замрзнати во други земји од ЕУ. Како алтернатива на тоа, Де Вевер предлага ЕУ да го искористи својот буџетски простор за заем од 45 милијарди евра. Се очекува лидерите на ЕУ да донесат одлука на самитот во декември.
Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, европските сојузници се согласиле да изработат цврсти безбедносни гаранции за Украина паралелно со тековните мировни преговори. Во тој контекст таа деновиве предупреди дека Русија го ескалира насилството секој пат кога преговорите ќе постигнат напредок.
Европската комисија е децидна дека финансиските потреби на Украина мора да бидат обезбедени. Фон дер Лајен тврди дека ЕУ е посветена на покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година. Комисијата воедно е подготвена да презентира правен текст за користење на замрзнатите руски средства. „Не гледам никаков сценарио каде што европските даночни обврзници сами би ја платиле сметката“, нагласува Фон дер Лајен. Тоа, според неа, не би било прифатливо.
Во секој случај, „длабоко засрамувачките“ факти и бројки во однос на европскиот придонес за Украина не можат да бидат заобиколени и ноншалирани. Нема никакво сомневање дека потребата ЕУ токму сега да се задржи на вистинскиот курс, ретко била поголема.