СОБРАНИСКАТА КОМИСИЈА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ЌЕ РАСПРАВА ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ Апасиев ја свика седницата за 9. декември

Седницата ќе биде редовна, а ќе расправа по претставка од Здружението на семејствата на жртвите во дискотеката „Пулс“.

388

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права и пратеник на Левица, Димитар Апасиев свика седница на оваа комисија за 9 декември на која ќе се разгледува однесена претставка од Здружението на граѓани 16 март 2025 година од Кочани или за јавноста познато како Здружение на родителите на загинатите деца од Кочани.

– Оваа прес-конференција ја свикав зашто сметам дека ова е во највисок јавен интерес и поради тоа седницата ја закажав согласно моите деловнички овластувања за на 9 декември 2025 година, со цел да не се поклопи со распоредот на судења кој што е објавен од судот, бидејќи судењата се чести. Циркуларно писмо е доставено до сите членови, заменици на Постојаната анкетна комисија, поканети се дополнително собранискиот претседател, потпретседателите, координаторите на пратеничките групи, премиерот, министерот за внатрешни работи, претседателот на Република Македонија и подносителите на претставката. Тоа значи дека и подносителите на претставката ќе имаат право да се обратат на оваа седница. Со тоа ќе се скрши една институционална бариера, затоа што тоа досега им беше целосно оневозможено – рече Апасиев.






Тој појасни дека не станува збор за надзорна или јавна расправа, туку за редовна седница на Постојаната анкетна комисија, на која се постапува по претставка на здружение или на граѓани.

– Сега одиме со редовно закажување на седница, со гласање на дневен ред. Доколку власта не дојде и нема кворум за работа, тогаш седницата ќе биде прекината – изјави Апасиев.

На прашањето дали иницијата на власта за Анкетна комисија ќе биде ставена на Постојаната анкетна комисија со која тој раководи, Апасиев појасни дека таа ќе биде посебна Анкетна комисија, додека неговата е постојана како редовно работно тело.

Тој не се согласува со констатацијата на професорот Борче Давидовски дека во случај кога веќе е почнат судски процес – парламентот нема право да расправа за случајот.

– Не е точно. Напротив, парламентот има секогаш има право да лоцира политичка неправна одговорност и токму тоа се обидуваме да го сториме – рече Апасиев.

Поврзани содржини