3Д MEЧЕ, 13-МЕТАРСКА ЕЛКА, ГИГАНТСКИ УКРАСИ… Скопје ќе се претвори во неверојатна новогодишна сцена
Градот најави масивни светлосни инсталации, декорации по главните булевари и празнична програма вредна 70.000 евра, по одлуката на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Огромно 3Д мече, светлечки подароци високи до четири метри и „ѕвездено небо“ што ќе се простира над 800 квадратни метри се дел од украсите што ќе блеснат во центарот на Скопје за Новата 2026 година.
И токму овие впечатливи декорации ќе бидат заштитен знак на празничната атмосфера во главниот град кои беа детално откриени плановите за новогодишното уредување.
Според техничката спецификација за јавната набавка, метрополата ќе добие нов празничен амбиент со масивни светлосни инсталации, интерактивни 3Д фигури и комплетно осветлени градски сообраќајници. Проектот предвидува избор на економски оператор кој може да реализира комплексен и технички обемен концепт, со фокус на централната зона.
Плоштад „Македонија“: 13-метарска елка, 3Д инсталации и светлечки фигури
Во срцето на градот ќе се постави новогодишна елка висока најмалку 13 метри, изработена од метална конструкција, вештачко зеленило и ЛЕД украси со бели блицеви. Плоштадот ќе биде збогатен со неколку големи празнични инсталации што веќе се предвидени во планот:
– 3Д мече со димензии 4х4 метри
– три светлечки подароци високи до 4 метри
– метална рамка Дедо Мраз висока 5 метри
– алуминиумски 3Д ѕвезди од 3 и 4 метри
– „ѕвездено небо“ од ЛЕД мразулци над површина од најмалку 800 м²
Овие инсталации ќе бидат меѓу најфотогеничните празнични детали во градот.
Булеварите ќе блеснат: ЛЕД ефекти, светлечки фигури и висечки елементи
Новогодишното украсување се проширува и покрај главните градски улици:
– Ул. Даме Груев – 30 светлосни фигури
– Ул. Димитрија Чуповски – 20 фигури + 20 висечки елементи
– Ул. 11 Октомври – висечки елементи + 100 „snowfall“ капки
– Бул. ВМРО – 24 фигури
– Ул. Филип Втори – 30 фигури
– Бул. Гоце Делчев – 40 фигури
– Просторот пред Владата – 40 фигури
– Бул. Партизански одреди – 12 фигури
За да се избере изведувач, потребно е компанијата да има најмалку три реализирани договори од сличен тип во последните три години, во вредност од најмалку 10 милиони денари.
Ѓорѓиевски: „Скопје ќе има достоинствена прослава – предвидени се 70.000 евра“
Празничното украсување и новогодишната програма финансиски ќе бидат поддржани со 70.000 евра, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на седница на Советот на Град Скопје.
Тој потсети дека во буџетот за 2025 година првично не биле испланирани средства затоа што поранешната градоначалничка Данела Арсовска не распишувала тендери за украсување, но градот решил годинава Скопје да не остане без празничен дух.
– Сметам дека 70.000 евра не се премногу и дека Скопје заслужува убава и достоинствена прослава – изјави Ѓорѓиевски.
Точната програма од која ќе се пренасочат средствата ќе биде дополнително утврдена.