Ѓубре што фрла ѓубре
Како може истиот наш човек, кога ќе појде во странство, да го изнесе ѓубрето само во „вторник или петок“, да не фрла опушоци, лименки или обвивки од храна по улиците, но истиот лик, нема да му дадам титула човек, овде претставува „ѓубре кое фрла ѓубре“?
Како дете бев фасциниран од стрип и филм јунакот Супермен, кој ми беше персонификација на сè што е добро во овој свет. И секако, како последица на тоа, и до ден денешен паметам фрази и реченици кои ми оставиле силен впечаток тогаш. Меѓу речениците стои и следната „Чудно, немав видено ѓубре да јаде ѓубре“, со која Супермен, како Кларк Кент, неговата човечка маска и критика на светот, му се обрати на некој силеџија и насилник. Оваа реченица ми се моткаше низ главата кога ги читав коментарите за одлуката на градското собрание на Скопје – да се забрани фрлање ѓубре од 22:00 до 05:00. Само наместо „ѓубре кое јаде ѓубре“ стоеше „ѓубре кое фрла ѓубре“. И тогаш налетав на еден интересен статус на почитуваната маратонка, неколкукратно и шампионка, авторка и активистка Весна Кираџиева, кој ќе се обидам да го парафразирам во оваа колумна.
Менталитетот на самооправдување
Речиси секоја ситна будалаштина во Македонија се оправдува со некое од следните „оправдувања“: „А бе овие државата ја украдоа, а мене ќе ме казнуваат за: ѓубрето после 22 часот; или ако сум погрешно паркиран на сред булевар да тркнам на 10 минути до банкомат; или ако не сум застанал на пешачки; или ако зборам на телефон или имам слушалки”… Тоа е тој менталитет на македонскиот граѓанин. Секој чека некој друг да биде пример, а во меѓувреме сите продолжуваме да ги кршиме правилата. И така се вртиме во круг: државата ни е виновна, властите ни се виновни, партиите ни се виновни. А ние? Па нормално, ние сме невини, ние ништо не правиме. Но, токму тоа „ништо“ е најголемиот проблем. Системот не се поправа со магично штанцање закони. Се поправа со лична самосвест, со култура, со човечка почит. Ако мене ми пречи кога некој зборува на телефон додека вози, тогаш треба да бидам свесен дека и на другиот му пречи кога јас го правам истото. Тоа е ниво на свест што бара време, образование и волја. Но, бара и храброст да бидеш „црна овца“ – да не фаќаш кривини, иако сите околу тебе тоа го прават. Горе долу, ова е парафразираниот статус. Да дополнам:
Третманот кон отпадот, би рекол и сметам дека ќе најдам истомисленици, е дел од човековата култура. И кога нашата култура ќе премине во некултура, некултурата во гнасотија, почнуваме да се жалиме на сите освен на себеси! А отсекогаш ме фасцинирала една ненормална и необјаснива појава. Како може истиот наш човек, кога ќе појде во странство, некаде по Германија или Швајцарија – да биде културен, да го изнесе ѓубрето само во „вторник или петок“, да не фрла опушоци, лименки или обвивки од храна по улиците, но истиот лик, нема да му дадам титула човек, овде претставува „ѓубре кое фрла ѓубре“. Толку ли ја мразите или не ја почитувате Македонија?
Политика на мотивација и демотивација
И да не биде – „само народот е виновен“, ќе кажеме јасно: државните и градските власти, не се баш Мајка Тереза. Не може да очекуваме дека сите ќе станат свесни преку ноќ. Затоа е потребна политика на мотивација и демотивација. На пример, површно речено па не го земајте како точен процент, властите можат да воведат мотивирачка награда: оние кои сортираат отпад да добиваат попуст од 10% на сметката за комунална хигиена. Тоа е конкретна награда за одговорното однесување. Од друга страна, оние кои не сортираат да плаќаат 10% повеќе. Тоа е политика на казнување што демотивира: „Зошто да плаќам повеќе, кога можам да се организирам и да сортирам?“. Можеби звучи утопистички, но применливо е и врз згради и населби кои имаат заеднички комунални објекти. Иако кај нас секогаш ќе има „еден комшија кој не сака“, сепак – тврдам дека е применливо.
Такви мерки не се само финансиски – тие се симболични. Тие покажуваат дека државата не е непријател, туку партнер. Секако, за да има смисла и ефект ова сортирање, прво се потребни јасни означувања: каков контејнер – каков отпад собира. Државата треба да наметне и правила за производителите и увозниците на пластични кеси за отпад. Точно одредена боја за одреден вид отпад. Градовите треба да ги разгледаат своите фреквенции на движење и создавање отпад. На пример, центарот на градот, во сабота навечер сигурно генерира енормна количина отпад, и тоа не се решава со „почекајте до 5 наутро за да го фрлите“. Тоа треба да се реши со специфична смена на комуналните работници, кои не мора да се присутни на улица во време кога нема никој – но затоа ќе мора да се двојно поприсутни во време на висока фреквенција.
Личната совест како најголема награда
Можеби ќе звучи идеалистички, но сметам дека, најголемата награда не е попустот на сметката. Најголемата награда е мирната совест. Да знаеш за себе дека ти не си оној кој создава можности за ширење заразни болести, дека не си фрлил ѓубре на улица, дека си застанал на пешачки, дека си ги почитувал правилата – тоа е чувство што не може да се купи. Да, можеби ќе тапкаш во место додека другите околу тебе „фаќаат кривини“. Но, од некаде треба да се тргне, па тргни од себе. Ќе спиеш помирно. Ќе знаеш дека не си дел од проблемот, туку дел од решението.
„Чудно, немав видено ѓубре да фрла ѓубре.“ Таа видоизменета реченица на Супермен сфатете ја како повеќе од шега. Таа е огледало на нашето општество. Ако сакаме да живееме во чиста држава, мора да почнеме од себе. Да не чекаме другите први. Да бидеме црни овци, исклучоци, луѓе со совест. Да сортираме отпад, да почитуваме правила, да градиме култура. Само така ќе престанеме да бидеме „ѓубре“ што фрла „ѓубре“. Само така ќе станеме општество што гради иднина.