ВИДЕОЛОТАРИЈА ПРОМОВИРА ОДГОВОРНО ИГРАЊЕ Предавање за млади за превенција од прекумерно учество во игри на среќа
Едукатори и стручњаци за млади поттикнуваат навремена превенција и информираност за ризиците од прекумерно играње игри на среќа.
Во рамки на проектот „Играј одговорно“, на 11 ноември 2025 година, во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје, се одржа едукативно предавање со цел подигнување на свесноста кај младите за ризиците од прекумерно играње игри на среќа. Настанот беше организиран од Државната Видеолотарија на Македонија – Касинос Австрија, во соработка со Здружението на лекувани зависници.
Говорници на трибината беа прим. д-р Павлина Васкова, д-р Оливера Суботин Поповска, д-р Бехие Хухии и м-р спец. Илинка Васкова. Тие ги споделија своите професионални искуства и релевантни факти поврзани со зависностите, нагласувајќи ја важноста на превенцијата, заштитата и едукацијата на јавноста. Присутните имаа можност активно да учествуваат, да поставуваат прашања и да дискутираат со експертите.
– Како компанија со општествена одговорност, континуирано работиме на поставување и унапредување стандарди за одговорно приредување игри на среќа. Фокусот е на намалување на ризиците за играчите, особено за ранливите категории граѓани – истакнаа од ДВЛМ – Касинос Австрија.
Проектот е дел од системската политика на компанијата за одговорно играње, со која преку едукација и превенција се настојува да се спречат негативните последици од прекумерно учество во игрите на среќа, нагласувајќи ја значајната општествена улога на ваквите активности.