КОРУПЦИСКИ СКАНДАЛ ТЕЖОК 100 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЈА ТРЕСЕ УКРАИНА! Паѓаат министри, се апсат функционери, Кремљ ликува

Според истрагата, корупциската шема за манипулации во енергетскиот сектор била раководена од Тимур Миндич, бизнисмен близок на Зеленски, кој наводно избегал во странство неколку часа пред истражителите да дојдат во неговиот дом во Киев.

558

Украинската премиерка Јулија Свириденко го суспендираше министерот за правда Герман Галушченко по обемната истрага за корупција во енергетскиот сектор што се води во земјата.

Антикорупциските агенции ја засилија истрагата за голема шема за подмитување и перење пари од 100 милиони долари, во која се вмешани високи функционери од енергетскиот сектор. Украинските власти досега обвинија седум лица за овој случај.






Галушченко, кој порано беше министер за енергетика, рече дека целосно се согласува со одлуката за негова суспензија. Медиумите објавија дека тој имал лична корист од криминалната шема.

Националното биро за борба против корупција (НАБУ) и Специјалното обвинителство за борба против корупција соопштија дека е вмешан и поранешен вицепремиер идентификуван по прекарот Че Гевара, со кого се поврзуваат незаконски трансфери на пари во вредност од над 1,2 милиони долари.

Претходно беше објавено дека шемата била раководена од Тимур Миндич, бизнисмен и соработник на претседателот Володимир Зеленски. Миндич наводно избегал во странство неколку часа пред истражителите да дојдат во неговиот дом во Киев. Миндич е косопственик на „Квартал 95“, продукциската компанија што Зеленски ја основал пред да стане претседател.

Според НАБУ, неколку лица формирале криминална банда и изградиле голема корупциска шема за да влијаат врз стратешките претпријатија од јавниот сектор, особено врз државниот оператор за нуклеарна енергија „Енергоатом“.

Корупцискиот скандал што изби во Украина го коментираше и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Веруваме дека европските престолнини го забележаа ова, како и САД. На крајот на краиштата, ова се земјите кои се толку активни донатори на режимот во Киев. Овие земји, се разбира, сè повеќе почнуваат да разбираат дека значителен дел од парите што ги земаат од своите даночни обврзници се проневерени од режимот во Киев. Тоа е апсолутно очигледно. Сè повеќе луѓе го разбираат ова – изјави Песков пред новинарите.

Поврзани содржини