РАДЕВ И ВУЧИЌ ВО КОСТЕЦ ЗА „СРПСКИ И БУГАРСКИ СВЕТ“ Бугарскиот претседател се пожали на Србија, доби експресен одговор
БГНЕС, исто така, го пренесе и одговорот на српскиот претседател Вучиќ, кој во Брисел рече дека Бугарите измислиле „српски свет“, но дека можеби имаат нивен„ бугарски свет“.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев рече дека европските институции треба сериозно да го сфатат, како што вели, проектот „српски свет“. Во изјава за бугарската новинска агенција БГНЕС, тој рече дека ова прашање е исклучително чувствително и за неговата земја.
– Западниот Балкан е критична точка за безбедноста и целото внимание на Европската Унија е насочено таму – рече бугарскиот претседател Радев, одговарајќи на прашање за предупредувањата на ЕУ за опасностите што ги претставува таканаречениот проектот „Српски свет“ и како таа иницијатива од Белград влијае врз безбедноста на Западен Балкан.
Радев додаде и дека таканаречениот „српски свет“ е исклучително чувствително прашање и за Бугарија.
Тој претходно се осврна на Србија и без влакна на јазикот најави дека ќе ја преиспита поддршката за европскиот пат на Белград и прецизираше зошто.
– Главниот критериум според кој ќе го оценуваме и ќе го поддржуваме напредокот на земјите од Западен Балкан е токму положбата на нашите сонародници во секоја земја – условите за економски и социјален развој и, пред сè, нивната способност да го бранат својот национален идентитет, јазик, култура и историска меморија.
БГНЕС, исто така, го пренесе и одговорот на српскиот претседател Вучиќ, кој во Брисел рече дека Бугарите измислиле „српски свет“.
– Можеби тие имаат „бугарски свет“. Никогаш во животот не сум го кажал тоа, но им беше погодно бидејќи го претворија во страшило и за да ја оправдаат својата антисрпска политика, го користеа овој израз – одговори Вучиќ, пишува Блиц.
Во медиумите денеска кружи и изјавата на Александар Вулин, блискиот соработник на Вучиќ, кој рече дека обединувањето на сите Срби не може да се спречи и дека „Бугарите треба да палат свеќи и да молчат “.