НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА Е НАЈДОБРО ОЦЕНЕТА Македонија доби пофалби од Европската комисија, вели Муцунски

Министерот Тимчо Муцунски во интервју за Сител зборуваше за извештајот на Европската комисија, за новите чекори во евроинтеграциите и за потребата од национално единство во клучните прашања.

173

Во вчерашното гостување во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, говореше за постигнувањата во областа на надворешната политика – позитивно оценети во последниот извештај на Европската комисија, за неодамнешната средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како и за Самитот за проширување на Европската унија.

Коментирајќи го извештајот за напредокот на државата кон Европската унија, министерот Муцунски истакна дека токму во него работата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е највисоко оценета.






– Надворешната политика и регионалната соработка беа највисоко оценети. Добивме пофалби за усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика, како и за историското партнерство во областа на одбраната и безбедноста. Во еден сложен геополитички период, кога трансатлантските односи не се какви што беа и во услови на конфликти на повеќе места во светот, надворешната политика е највисоко позиционирана низ призмата на вредностите што ги цени Европската унија, задржувајќи го истовремено стратешкото партнерство со САД – истакна Муцунски.

Осврнувајќи се на забелешките во извештајот поврзани со владеењето на правото, министерот нагласи дека Владата во следниот период ќе направи сè што е потребно за да се елиминираат сите слабости, по што ќе се очекува соодветно постапување од правосудните институции.

Во гостувањето, Муцунски испрати порака до опозицијата дека е потребно обединување со Владата за создавање национален консензус по клучните државни прашања.

– Наместо голи критики кои не се реални и објективни, дајте да видиме што можеме да направиме заедно за да се движиме напред – порача тој.

Говорејќи за евроинтеграциите, министерот нагласи дека фокусот на државата во и во иднина ќе биде насочен кон исполнување на тековните обврски, со цел да се искористи интересот на Европската унија за проширување и сите механизми кои овозможуваат постепено интегрирање на земјите-кандидати.

– Во моментов сме во процес на потпишување на таканаречениот протокол за ослободување од роаминг услуги, што подразбира измени на неколку законски и подзаконски акти, на кои се работи ревносно. Очекувам процесот да заврши до крајот на годината, а во првата половина на 2026 граѓаните да го почувствуваат бенефитот од бесплатниот роаминг – изјави Муцунски.

Осврнувајќи се на идните чекори во процесот на пристапување кон Унијата, министерот изрази очекување дека ќе се најде начин да се обезбеди предвидливост и континуитет во европските интеграции.

Коментирајќи го Самитот за проширување на Европската унија, што во организација на телевизиската мрежа Еуроњуз се одржа во Брисел, Муцунски нагласи дека најважната порака од овој настан е дека геополитичкиот контекст ја обврзува Европската унија да го гледа процесот на проширување како процес на унификација на Европа, кој покрај економско има и безбедносно значење.

Во контекст на односите со Бугарија, министерот истакна дека за натамошниот процес на интеграција е потребно кредибилно и одржливо решение, кое и покрај сите претходни отстапки направени од политичките претходници, нема да биде решение „по секоја цена“, како тие претходно кои ја вратија државата во положба, во која се наоѓала пред две децении.

Поврзани содржини