РУСТЕМИ И САИТИ ОСТАНУВААТ ВО ПРИТВОР За што се товарат челниците не „Комуналец“
Жалбите на нивните адвокати за укинување на притворот се отфрлени, но тие можат да се жалат и до Апелацискиот суд.
Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ги одбил жалбите и го потврдил притворот на сега веќе поранешниот в.д. директор на „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми, како и на управителот за отпад во јавното претпријатие, Аки Саити, информираа денеска од Судот.
На Рустеми и на Саити им беше одреден притвор од 30 дена поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, на што нивните бранители вложија жалба, за која во оваа фаза од постапката одлучуваше Кривичниот совет на првостепениот суд. Рустеми и Саити, односно нивните адвокати, одлуката за мерката притвор можат да обжалат и пред Апелацискиот суд.
Инаку, против поранешниот в.д. директор на скопското комунално претпријатие и управителот за отпад, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага откако неодамна главниот град беше преплавен со смет. Обвинителството ги гони Рустеми и Саити за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад, според член 230, став 1, од Кривичниот законик (КЗ).
„Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“, соопштија од Јавното обвинителство.
Ваквите сомненија се засновани на вонредни инспекциски надзори извршени по наредба на Јавното обвинителство, како и на добиеното експертско мислење од Институтот за јавно здравје.
