Дали навистина сдсм е „срцето“ на државата?

Нашиве октроирани шутраци се повикуваат на некакво „право“ во создавањето на државата, што пак следствено значи и „право“ на владеење небаре сме уште во средниот век, мавтаат со некаква лева антифашистичка коалиција и слични измислици, додека сите други во државава сме биле паразити додека тие напорно работеле. Секако, не треба многу за да видите дека од нивното „левичарење“ останаа само криминалите и корупцијата (се разбира и дуи!), нивниот антифашизам е беспрекорно олицетворен во Вториот протокол на Договорот со Бугарија каде се обврзуваат од сите споменици од НОБ да ги бришат зборовите „фашистички окупатори“.

282

Прашањето, се разбира, е реторичко и не очекува лесен одговор, а се надоврзува на една деновиве спомната „локација“ во Скопје – поточно: Општина Центар – како срцето на сдсм (малите букви се објективен одраз на нивниот рејтинг денес!). И оваа локација, метафорички но и реално е самото срце на државата и нејзините институции, а историски може да се прифати и како еден од првите бастиони на „социјалдемократијата“ кај нас. Односно, тоа би било така ако сериозно ја прифатиме тезата дека (и) овој и ваков сдсм е наследник на КПМ односно СКМ. Тогаш, погледнато ретроспективно, уште од 1945 година централното градско подрачје на Скопје го зафаќа нова „окупација“, овојпат од високите претставници на „новата класа“ – онаа дефинирана од Ѓилас – кои за кратко време ги конфискуваат (или национализираат, како сакате) куќите на капиталистите, богаташите и колаборационистите и се населуваат во нив. Тоа се темелите на бастионот!

Оттогаш, покрај другите „бенефиции“, центарот на Скопје навистина е „срцето на новата класа“, но која потоа полека се шири кон падините на Водно зашто тој дел е помирен, посвеж лете и со почист воздух и – деташиран од рајата. Секоја нова класа цели кон тоа бргу да се дистанцира од оние кои ја избрале! Сакате да ви ги набројам сите повоени „социјалдемократски“ семејства кои успешно го завршиле тој освојувачки поход на релацијата Центар-Водно? Не, би било невкусно од моја страна, се разбира. Иако тие немаа срам кога ја изведуваа таа „операција“! Но, од друга страна, можете сега да поврзете зошто општините во Скопје се со такви „граници“ односно како тоа централното градско подрачје и Водно ја формираат „фамозната“ Општина Центар?!






Но, една друга деновиве актуелна личност вели на оваа тема: „(…) денес е 2025 година, комунизмот е одамна завршен“. Дали е баш така?

Зашто, како што катастрофата на социјалдемократската идеја во Македонија деновиве токму „наследнициве“ ја продлабочија до самото дно, така сѐ поагресивно се пумпа демагогијата на нивната врхушка и на онаа квази – или вештачка! – интелигенција што гравитира кон нив. Таа којашто практично и ги воспеваше, им го креваше рејтингот на сите полуписмени раководства устоличувајќи ги како ексклузивни државотворци на кои ние, „рајата“, мораме вечно да им бидеме благодарни. Оттаму, особено денес се засилуваат истите „револуционерни“ приказни дека само некои – поточно: тие – се заслужни што оваа држава постои од 1945 година наваму и особено по 1991 година, дека другите немаат никакви права/заслуги во тој поглед освен да се поклонат пред големите социјалдемократи итн.

Затоа тие и не признаваат друга власт, не прифаќаат резултати на избори и ги сметаат за историска грешка што лесно се брише од учебниците. Често тоа и го прават.

Тоа се, секако, само бедни, неуки и историкантско-политикантски тези и тезички на еден грст некапацитетни и недемократски поединци кои, патем, на тој начин, и себеси се вбројуваат во таа „групација државотворци“. И си го креваат личниот рејтинг зашто поинаку не можат – луѓето одамна ги научија кои се и што се. И оваа приказна за мали деца се повторува во различни форми секогаш кога за нив е „густо“ во државава, кога социјалдемократското тркало започнува да врти назад односно кога „прогресивната“ котва цврсто ги кочи во пазувите на криминалот и корупцијата па е неопходно свртување на вниманието кон „големи“ теми и наративи. Затоа впрочем и цела година и (речиси) половина односно онолку колку што е на власт новата коалиција, онаа „пајтон“ односно вештачка интелигенција залегната во џебовите на некогашната сдсм (сега преформатирана во куќен совет) води жестока политикантска војна докажувајќи го своето (наводно) историско право само таа да биде државотворната македонска партија, со право да склучува сојузи со кого ќе посака.

Ви заличува ова на референдумското прашање на Глигоров? Се разбира, тоа е тој дух, таа „интелигенција“, тоа политикантство… Иако од овие до Глигоров – седум милји! Ама некои негови „советници“, тогаш кај него длабоко вгнездени на едно релативно интимно место, се уште тука. Можете да замислите!? Што сѐ не се случуваше во државава, на какви сѐ Сцили и Харибди не наидуваше македонската „галија“ надминувајќи ги главно неуспешно…, ама тие и понатаму се напикани точно таму кадешто треба, делејќи ум на сите страни, глумејќи некакви локални „баба Ванѓи“ (по правило со катастрофално смешни резултати!) итн. Но, како велат: секое тенџерче, си има капаче? Е па…

Или, замислете кога нивните историкантско-политикантски тези за ексклузивното политичко право на власт би ги простреле низ историите на некои поголеми и поуспешни демократии. На пример во САД денес да се појави некој далечен раднина на Хамилтон и неговата Федералистичка партија – инаку една од двете најголеми „државотворни“ партии на „татковците на нацијата“ – и да се повикува на историското право на владеење со државата. Како што впрочем ни Демократско-републиканската партија на Џеферсон одамна ја нема на политичката сцена на САД. Со какво „право“ тогаш стотина години, ако не и повеќе, се сменуваат на власт денешниве демократи и републиканци?

Но затоа нашиве октроирани шутраци се повикуваат на некакво „право“ во создавањето на државата, што пак следствено значи и „право“ на владеење небаре сме уште во средниот век, мавтаат со некаква лева антифашистичка коалиција и слични измислици, додека сите други во државава сме биле паразити додека тие напорно работеле. Секако, не треба многу за да видите дека од нивното „левичарење“ останаа само криминалите и корупцијата (се разбира и дуи!), нивниот антифашизам е беспрекорно олицетворен во Вториот протокол на Договорот со Бугарија каде се обврзуваат од сите споменици од НОБ да ги бришат зборовите „фашистички окупатори“, а нивното „право“ на владеење го видовме во она предизборно покачување на своите плати за цели 75% и вгнездување на задниците на нивната врхушка во Собранието за нови високоплатени четири години!

Дури и да сакаме не можеме да ја спориме грандиозноста на историскиот проект на наводните претходници на овие македонски шушумиги кои глумат социјалдемократи, но веќе е ноторен факт дека целиот процес на преобразба на општеството по 1991 година во нивниот табор го воделе тотално неуки и историски неписмени луѓе кои не умееле да предвидат што ја очекува државата на тој пат. Тие, претпоставувам, мислеле дека пишуваат некаква приказна за трето одделение, со среќен крај, разбира се! Како што продолжуваат да ја пишуваат и денес.

Но современоста не познава такви приказни. Реалноста е сурова, а таа, но и гласачкото тело во Македонија, вели дека одамна сдсм – а најмалку овој куќен совет – не е социјалдемократска партија туку некаква збирштина на некултурни, невоспитани и саможиви луѓе. Тоа впрочем го докажуваат многу суштински за државата нешта, особено текот и „идеите“ за евроинтегративниот процес на Македонија, но и нивниот „лидер“ со последново негово „преиспитување“ на фотографирањето на нивната кандидатка за Карпош со нејзиниот политички „противник“, а сепак – пријател. Такви провинцијалци не само што не можат туку и не смеат повторно да бидат власт во државава.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини