ВУЧИЌ СЕ ИЗВИНИ ЗА НЕКОИ РАБОТИ ШТО ГИ КАЖАЛ Повика на мирен 1 ноември и повика на дијалог
Србија ќе се соочи со огромни предизвици во наредните недели и месеци, кои немаат никаква врска со протестите - работите што ги земавме здраво за готово се уриваат, структурите што функционираа исчезнуваат, се случуваат тектонски промени, предупреди претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во обраќање до јавноста нагласи дека му е жал за работите што им ги кажал на демонстрантите и на студентите и уште еднаш ги повика граѓаните на дијалог по 1 ноември.
Тој потсети дека пред една година Србија доживеа ужасна трагедија и ги наведе имињата на 16-те жртви од падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.
– Секој од нив, еден живот, секој од нив член на семејство, заедница, нашето општество и нашата земја, која оттогаш е потресена – рече тој.
Тој најави дека на 1 ноември ќе оди во црква и ќе му се помоли на Бога и ќе запали свеќа за нив.
– Знам и разбирам дека во моменти на тага, некои луѓе бараат утеха на собирите. Секој го одбележува тоа и тагува на начин што мисли дека е најдобар, сè додека тоа се прави на мирен и на легален начин, јас целосно го поддржувам тоа – рече Вучиќ.
Како што рече, знае дека многумина се лути што виновниците за тој настан не се утврдени и нагласи дека тоа е разочарувачки и за него.
– Можам да го разберам гневот, особено на семејствата на жртвите и на оние кои беа директно погодени од трагедијата – нагласи тој, додавајќи дека за него е важно и како да се спречи повторување на такви работи.
Тој истакна дека многу луѓе покажале скандалозен гнев, клеветеле, кршеле правила, користеле насилство врз другите и туѓ имот и се обиделе да ја уништат нишката на „нашето општество и вредностите што нè поврзуваат“.
– Во некои моменти, самиот кажав некои работи за кои жалам што ги кажав. И на студентите и на демонстрантите и другите луѓе со кои не се согласував. Се извинувам за тоа – рече српскиот претседател.
Тој изјави дека ќе се осврне на грешките што ги направил и на работите што ги кажал.
– Целата оваа омраза што врие во нашето општество не носи ништо добро, само води кон поголемо уништување – рече Вучиќ.
Како што нагласи, би сакал 1 ноември да помине мирно, „со повеќе тишина отколку бучава“.
Вучиќ рече дека е потребно да се открие вистината „која е поткрепена со докази“.
Тој рече дека утрешниот ден не треба да биде ден што секој ќе го користи за своја политичка корист и повика на дијалог во општеството.
Како што најави, Србија ќе се соочи со огромни предизвици во наредните недели и месеци, кои немаат никаква врска со протестите.
– Работите што ги земавме здраво за готово се уриваат, структурите што функционираа исчезнуваат, се случуваат тектонски промени – рече тој и нагласи дека Србија ќе преживее и покрај сè, но дека нејзиниот напредок зависи од сите граѓани.
Утре во Нови Сад, на годишнината од падот на настрешницата, ќе се одржи масовен студентски и граѓански собир. Студенти од цела Србија со денови одат пеш кон градот каде пред една година се случи трагедијата, која покрена масовни студентски протести.