НЕВЕРОЈАТЕН УСПЕХ НА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ Изведена најсложена ендоваскуларна интервенција на аорта во земјава

Интервенцијата на торакалната аорта – TEVAR со in situ фенестрација, изведена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, означува ново поглавје во македонската васкуларна хирургија и потврда на експертизата на домашните лекари.

1,001

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ првпат во Македонија беше изведена комплексна ендоваскуларна процедура на торакалната аорта – ТЕВАР со т.н. in situ фенестрација за левата потклучна артерија кај пациент со постдисекциска аневризма на десцендентната торакална аорта.

Заболувањата на аортата, заедно со другите кардиоваскуларни болести, се едни од најчестите заболувања на модерното живеење. Ендоваскуларниот третман на аортата подолго време е златен стандард во светот, а веќе се применува и во Македонија.






 

Специјалистот по васкуларна хирургија д-р Никола Лазовски објаснува дека иако стандардните ендоваскуларни процедури одамна се дел од секојдневната пракса во земјава, комплексните интервенции се ретки, потешки за изведување, но нивниот ефект е значајно поголем и за пациентите и за здравствениот систем.

– Станува збор за интервенција при која се постави стент на делот од аортата кој беше заболен, при што интенционо со стентот се покри излезот во аортата за левата потклучна артерија за да се обезбеди стабилност на стентот во здрава аорта. Потоа преку артеријата на левата рака со посебна направа се направи отвор на стентот на ниво на аорта низ кој се постави нов стент кој обезбедува проток низ артеријата за левата рака. Со ова пациентот избегнува дополнителна операција на крвните садови на вратот (бајпас), избегнува двојна анестезија, крвозагуба, а и значајно се скратува рехабилитацијата. Интервенцијата помина во најдобар ред, а пациентот одлично ја поднесе и по два дена ја напушти болницата на домашно лекување – изјави д-р Лазовски.

Комплексноста на ваквата интервенција бара вклученост на тим од стручни лекари и медицински персонал, специјализиран за ендоваскуларни и хибридни процедури.

Процедурата ја изведе тимот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ предводен од д-р Никола Лазовски (васкуларен хирург) и доц. д-р Александар Ѓорески (интервентен радиолог), а дел од тимот беа и: доц. д-р Менка Лазареска (интервентен радиолог), д-р Димитар Јосифовски (специјализант по кардиохирургија), д-р Лихнида Матевска (кардиоанестезиолог), с. Ирена Апостолов (кардиоанестетичар), с. Зорица Урдаревиќ (сестра во ангио-сала) и Дарко Марковиќ (радиолошки технолог).

Во иднина, д-р Лазовски најавува дека ваквите комплексни аортни интервенции ќе станат редовен дел од медицинската пракса во „Аџибадем Систина“.

– Наш приоритет е животот и здравјето на пациентите. Придобивките од овој вид третман се значајно поголеми во однос на класичните операции – пациентите полесно ги поднесуваат и за кратко време се враќаат во нормален живот и работна активност – додаде тој.

Со оваа интервенција, „Аџибадем Систина“ уште еднаш ја потврди својата водечка улога во современата медицина во регионот, воведувајќи техники што до неодамна беа достапни само во водечките европски клиники.

Поврзани содржини