ГЕРАСИМОВСКИ ПРЕДЛАГА СКОПСКИТЕ ОПШТИНИ ДА СЕ НАДЛЕЖНИ ЗА ОТПАДОТ, А НЕ ГРАДОТ Ако сами си чистиме, ова немаше да се случи, вели тој

Доколку ЈП „Комунална хигиена“ не профункционира, ќе биде многу тешко да се одржува хигиената самостојно, вели градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

529

Целата оваа ситуација со несобирањето на ѓубрето и со јавната хигиена во Скопје е катастрофална и е недозволива за една метропола, вели градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

– Ова е катастрофа што му се случува на градот Скопје и на општината Центар во изминатите 4 години. И целата оваа ситуација е недозволива за една метропола – рече Герасимовски во интервју на телевизија Сител.






Тој нагласи дека Општина Центар презела низа конкретни мерки за справување со проблемот: изнајмена е дополнителна механизација, работено е двосменски и тросменски, поставени се нови контејнери и е набавена е цистерна за миење улици – но, според него, тоа не е доволно без функционален систем на ниво на Град Скопје.

– Доколку ЈП „Комунална хигиена“ не профункционира, ќе биде многу тешко да се одржува хигиената самостојно – предупреди тој.

Герасимовски потсети дека уште пред 2 години, како претставник на Центар во Управниот одбор на ЗЕЛС, побарал секоја општина да ги преземе ингеренциите за јавната хигиена.

– Сигурен сум, и тогаш и сега, дека ако ги преземевме ингеренциите, ако набавевме дополнителна механизација и го зголемевме бројот на хигиеничари, сето ова денес немаше да се случи – рече тој.

По првиот круг од изборите, Герасимовски иницираше итен состанок со скопските градоначалници и побара вклучување и на Владата.

– Свикавме и кризен штаб, побарав итен состанок на ЗЕЛС, седнавме со скопските градоначалници да бараме решенија. Темата беше и понатамошно преземање на ингеренциите, по изборите, секоја општина поединечно да се грижи за хигиената – рече Герасимовски.

Тој додаде дека Општина Центар спровела вонредни мерки за заштита на здравјето на граѓаните, како вонредна дезинфекција и дератизација во сите училишта и градинки, ангажирање поголем број работници за секојдневно чистење на школските дворови, средба со куќни совети и нивни претставници, со цел да се спроведе дератизација во околината на секоја зграда и дератизација на 1.980 шахти на територија на Општина Центар.

– Сè уште не е решен проблемот со хигиената на центарските и скопски улици и затоа мора да дејствуваме со заеднички напори и со јасна одговорност – заклучи Герасимовски.

Поврзани содржини